Во четири региони во Русија е прогласена вонредна состојба поради шумски пожари.
Мерките се однесуваат на целата територија на регионите Иркутск и Краснодар, два реони на Бурјатија и еден во Јакутија, јавија руските медиуми.
Вкупната површина на пожарите изнесува околу 2,7 милиони хектари, соопшти рускиот премиер Дмитриј Медведев на средба со вицепремиерот и министер за природни ресурси Дмитриј Кобилкин.
– Постои опасност за населените места во близина. Властите постојано ја следат ситуацијата и ќе сигнализираат при опасно загадување на воздухот, рече Кобилкин.
Според него, околу 95 проценти од вкупниот состав на федералната агенција за шуми се мобилизирани за справување со катастрофата. Дополнителни 100 професионални падобранци се вклучени во борбата против ширењето на огнот, а уште толку се во состојба на готовност и веднаш можат да бидат распоредени, информира министерот.
Според Медведев, во моментов нема закана за животот и безбедноста на локалните жители, но додаде дека ситуацијата е многу сложена.