Поради високите температури што се очекува да достигнат до 42 степени Целзиусови, надлежните Министерства воведоа вонредни мерки за заштита на вработените во државниот и приватниот сектор во Грција што важат од денеска до петок, јави дописничката на МИА од Атина.
Мерките се однесуваат на деловите од земјата каде што температурата ќе биде над 40 степени, за државните службеници предвидена е работа од дома, особено за оние кои припаѓаат на ранливи категории, а истото важи и за конкретната категорија во приватниот сектор.
За оние кои работат на отворено планиран е прекин со работа во периодот од 12 до 17 часот, додека пак во случај да се прекрши конкретната мерка планирана е казна за компаниите во висина од 2.000 евра по вработен.
Според Националната метеоролошка служба до петок се очекуваат екстремно високи температури во Грција, а паралелно е голема е опасноста за пожари.
Министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, вчера, како што објави МИА, предупреди дека оваа седмица ќе биде исклучително тешка со суша, топлотен бран до 42 степени и силен северен ветер до седум Бофори, опасни за појава и брзо ширење на пожари.