До редакцијата на порталот НЕТПРЕС пристигна информација од извори кои сакаа да останат анонимни дека во текот на вчерашниот ден во Арачиново четири полициски службеници на полициски пункт сопреле возило управувано од лице без никакви валидни документи. Лицето упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот.

Како што вели изворот за НЕТПРЕС „лицето било син на полицаец, а внук на извесен Шенки М. од Арачиново, кој откако бил информиран за настанот, веднаш со неколку други непознати лица сите вооружени се упатиле кон полицискиот пункт“. На полициските службеници од страна на сменоводителот на ПО Арачиново им било дадена наредба веднаш да го напуштат пунктот и да се повлечат кон ПС Гази Баба. Меѓутоа, не чувствувајќи сигурност ниту во ПС Гази Баба, полициските службеници бегаат дома.

„Вооружената група предводена од Шенки М. потоа со оружјето влегле во ПО Арачиново каде упатиле закани кон сите полициски службеници, а телефонски му се заканиле на полицискиот службеник кој го сопрел лицето, внукот на Шенки М., дека ќе го убијат.

Поради страв за сопствениот живот полициските службеници се уште не го пријавуваат кривично-правниот настан“, вели изворот за Нетпрес.