Австралија и Франција потпишаа договор вреден 50 милијарди долари за изградба на 12 подморници во француските бродоградилишта за потребите на австралиската Воена морнарица, јави дописникот на МИА.
Австралискиот премиер Скот Морисон го поздрави овој „многу амбициозен план” на церемонијата во Канбера, во присуство на францускта министерка за вооружените сили Флоранс Парли, потсетувајќи дека тоа е „најголема досега договорена инвестиција на Австралија во сферата на одбраната во мирновременски период“.
Француската групција на воени бродоградилишта беше избрана во 2016 година за изградба на 12 подморници од новата генерација за потребите на Австралија, по неколкугодишни преговори за „договорот на векот“.
Изградбата на првата подморница ќе започне со следната деценија, за првата испорака е предвиден за во 2030 година.
Договорот, чие потпишување го зацврсти стратешкото партнерство меѓу Париз и Канбера, ќе создаде 2.000 работни места во Австралија и ќе ги одржи работните места на 500 вработени во Франција.
Некои критичари на овој договор оценуваат дека неговата реализација е бавна, бидејќи водите на северот и на истокот од Австралија веќе се сцена на жестока борба за влијание меѓу САД, Кина и регионалните сили.
Пекинг има територијални претензии кон поголемиот дел од Јужното Кинеско Море, кое е витална транспортна рута за глобалната трговија во тој дел на светот.
Кина има претензии да го зголеми своето влијание и надвор од овие води, особено во Јужниот и Западниот Пацифик, каде што Австралија веќе подолго време е доминантен играч.
Пацифичките острови се мали и помалку важни за поморскиот транспорт во споредба со Јужното Кинеско Море, но во нивните економски зони се наоѓаат голем дел од поморските ресурси во светот.
Австралиските воени експерти се надеваат дека новите подморници ќе и овозможат на Австралија да спречи евентуални непријателски активности.