Подготвил: Марко КИТЕВСКИ
Именден празнуваат: Величко, Велика, Велјан, Воскресија, Анастас, Анастасија…
ПАСХАЛНА ТАБЛИЦА
Која покажува на кој датум се паѓа Воскресение Хрисово (Велигден) за време од 2025 до 2035 година.
2024 5 мај /22 април
2025 20 април /7 април
2026 12 април / 30 март
2027 2 мај /19 април
2028 16 април /3 април
2029 8 април/ 26 март
2030 28 април /15 април
2031 13 април /31 март
2032 2 мај /19 април
2033 24 април /11 април
2034 9 април / 27 март
2035 29 април /16 април
Денот на Христовото воскресение Велигден е не само најголемиот туку и најстар христијански празник што се празнува од вториот век. Тој е суштината на христијанството, потврда и на самата вера зашто како што рекол свети Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснеше празна ќе беше и нашата вера“. Затоа на Велигден пееме: „Христос воскресна од мртвите,/ со смртта, смртта ја победи,/ и на оние што се во гробовите/ живот им дарува“.
Со право повеќемина истражувачи истакнуваат дека ако не постоеше Христово воскресение тоа требаше да се измисли, зашто ако Христос не ја победеше смртта тогаш човековиот живот ќе немаше смисла, ќе беше само едно долго умирање од раѓањето до смртта, но и на човекот во тој период ќе му беше сè дозволено, ќе царуваа неморалот и другите негативни демони.
Всушност, Исус Христос и се јавил во едно такво пресудно време кога зацарувале неморалот и расипништвото и кога човештвото се нашло на беспаќе. Јавувајќи се со своето учење Исус објавил дека е „Пат, вистина и живот“. Но наместо да биде прифатен и величан од страна на тој, од Бога избран еврејски народ, тој ист народ за него побарал распнување како за најголемите разбојници. Зошто Исус не бил разбран и не бил прифатен? Еврејскиот народ кој со помош на Бога се ослободил од египетското ропство, западнал под друго ропство ‒ римското. Тој народ очекувал водач силен и агресивен кој ќе го поведе во борба за слобода. Исусовото учење имало друг карактер, тој проповедал друг пат до слободата и вечниот живот.
Нашиот народ со подолги подготовки и со посебна возбуда го пречекува овој празник. Сепак, со Велигден се поврзани помалку обичаи отколку, да речеме, со Божик или со Ѓурѓовден. Истражувачите на овие обичаи сметаат дека причина за тоа е фактот што Велигден не е поврзан со одреден датум како што е тоа случај со споменатите и некои други празници, туку секоја година го менува датумот. На овој празник му претходат долгите Велигденски или Велики пости коишто траат цели седум недели не сметајќи ги Сиропусната недела која е една недела пред Прочка и Месопусната недела една недела пред неа. Востановен уште во апостолски времиња, за да биде оформен во денешната форма до IV век, постот има цел христијаните да се подготват за достојно прославување на празникот. Во текот на овие Велигденски пости преку самоконтрола, преку разни самоодречувања, откажување од телесни задоволства, од обилна и пред сè мрсна храна, преку контролирање на страстите, откажување од веселби, песни и сл. човекот во страдањата се доближува до својот Спасител, за со примањето на чесната причесна на самиот ден Велигден рано наутро да се идентификува со него, јадејќи ја нафората што го претставува Христовото тело и пиејќи го виното што ја претставува неговата крв.
Кај нашиот народ постојат повеќе пословици и поговорки во кои се споменува Велигден. Така на пр. се вели: „Секој ден не е Велигден“, или: „Катаден Велигден не бидуват“, „Ден за ден дојде и Велигден“ или: „Велигден голем ден“, „На Велигден на благ ден“ итн., со што се укажува не само на фактот дека Велигден се чека со посебна возбуда, туку и на значењето на овој празник.
Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Нивните датуми коишто се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум. Прочка или Проштени поклади е секогаш седум недели пред Велигден, Првата сабота по Прочка е Тодорова сабота (Тодорица), неделата пред Велигден се Цветници, саботата пред Цветници е Лазарева сабота (Лазарица), четириесет дена по Велигден, и секогаш во четврток е Вознесение (Спасовден), десет дена по него или педесет по Велигден е Духовден (Педесетница). На половина меѓу Велигден и Педесетница, односно на 25-тиот ден, секогаш во среда е празникот Преполовение, што народот го вика Руса Среда. Самиот чин на воскреснувањето на Исус Христос им дава смисла и на некои други празници од христијанскиот календар како што се Божик (денот на Христовото раѓање) потоа Светото благовештение (Благовест) Преображение, Крстовден и др.
Бидејќи Велигден во разни цркви се празнувал на разни датуми царот Константин го свикал во 325 година Првиот вселенски собир во Никеја, на кој се расправало по ова прашање и се донесени некои решенија. Но правилата по кои денес се одредува датумот на кој се паѓа Велигден се дефинирани дури во 526 година. Според овие правила Велигден е секогаш по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела, но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат Пасха, ниту да биде пред него. Ако е пред Пасха Велигден се одлага за првата недела по следната полна месечина, а ако се совпаднат во ист ден, се одлага за следната недела. Значи Велигден може да се падне на 35 датуми од 22. III/4. IV до 25. IV. /8. V, што значи два дена по Ѓурѓовден.
Велигден е продолжение на старозаветниот еврејски празник Пасха кој Евреите сè уште го празнуваат во чест на ослободувањето на еврејскиот народ од египетско ропство. Буквалното значење на зборот Пасха е премин и се однесува на преминувањето на еврејскиот народ од Египет во Израел. И во христијанството Пасха значи премин со Христа, од смртта во животот и од земјата кон небото, во вечниот блажен живот.
Пасха бил празнуван секоја година како спомен на ослободувањето на еврејскиот народ од египетското ропство. За ова се зборува во Стариот завет, поточно во втората книга Мојсиева, каде што е опишана и прославата на Јудејската Пасха. За овој празник секој домаќин требало да подготви за вечера едногодишно машко јагне без никаков недостаток. Потоа се печело на ражен без да му се скрши ниту една коска. Се јадело со бесквасен леб и со горчливо зелје. Целото јагне морало да се изеде, а тоа што останувало утрото се запалувало. За да не остане, поголемите јагниња ги јаделе по две семејства.
Пасха освен премин значи и имање обзир, зачувување зашто Господ имал обзир и ги заштитил куќите еврејски кои биле бележани со јагнешка крв кога ги погубил египетските првенци. Овој чин е и почеток на издигнувањето на еврејскиот народ до слободен народ. Жртвуваното јагне, се сметало дека ги плаќа сите гревови на домаќинот и на домашните. Бесквасните лебови (во народот се викаат некиснати или пресни лебови) симболизирале и духовна чистота, зашто квасот ја означувал духовната корупција. Горчливото зелје ги симболизирало горчливите страдања на израелскиот народ од египетско ропство како и, воопшто, сите горчини на овој свет.
Во Христијанството Исус е жртвеното јагне, тој е невин и без мана како и пасхалното јагне. Тој самиот се жртвува за искупување на нашите гревови, како што вели пророкот Исаија тој се жртвува за гревовите на многумина, а како што вели Јован Претеча Христос е јагнето Божјо кое ги очистува гревовите на светот. И како што на пасхалното јагне од Стариот завет при жртвувањето не смеело да му се скрши ниту една коска, така и на Исус не му биле скршени колената кога бил распнат на крстот, како што им се правело на тие што биле распнувани на крст, и како што им направиле на двајцата разбојници што ги распнале заедно со него. И уште нешто, пасхалното јагне било прободувано со два стапа надолж и напреку за подобро да се испече, а така поставени стаповите личеле на крстот на кој бил распнат Исус.
Старите Израелци го славеле празникот Пасха во спомен на ослободувањето од египетското ропство, Велигден се празнува во спомен на ослободувањето на човекот од ропството на ѓаволот и гревот.
Најкарактеристична икона на Христовото воскресение се смета онаа на која е прикажано Исусовото слегување во Адот. Тоа е и суштината на овој празник бидејќи „суштината на празникот Воскресение е умртвувањето на смртта и поништувањето на ѓаволот: Го празнуваме умртвувањето на смртта и поништувањето на Адот – пееме во Црквата. Поништувањето на Адот и умртвувањето на смртта е најдлабоката смисла на овој празник.“
Последната недела од Велигденските пости што значи неделата пред Велигден се вика и Велика и Страстна недела, а народот ја вика и Глува недела. Сите денови од оваа недела се викаат Велики или Вели како: Велики понеделник или Велипонеделник, Велики вторник или Веливторник, Велика или Велјасреда итн. Свети Јован Златоуст вели дека оваа недела не се вика Велика затоа што деновите во неа се помногубројни или поголеми туку затоа што во неа Господ направил големи дела: разрушено е царството на ѓаволот, уништена е смртта, победен е гревот, симнато е проклетството, отворен е рајот и небото им станало достапно на луѓето. На тој начин луѓето се соединиле со ангелите, урнат е и отстранет преградниот ѕид и Богот на мирот ги измирил небесното и овоземното.
Пораснувањето на популарноста на Исус, масовно посетените и со интерес слушани проповеди уште повеќе ги налутиле властите, фарисеите и книжниците кои решиле по секоја цена да го фатат и да го казнат. Но чекале погодна можност зашто тоа можело да го разгневи народот кој во него гледал не само учител туку и пророк. Особено што доаѓал големиот празник Пасха кога Ерусалим бил преполн со народ, а народот бил во посебно расположение. „Само не на празникот, за да не стане бунт во народот“, велеле тие. Погодна можност не им се укажала ниту во понеделникот ниту во вторникот. Дури во средата еден ученик Исусов по име Јуда Искариотски дошол кај фарисеите и им понудил да им го предаде Исуса за 30 сребреници, скоро безначајна сума. „Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците и рече: Што ќе ми дадете да ви го предадам? А тие му предложија триесет сребреници. И тогаш тој бараше погодно време да го предаде“.
Исус знаел што ќе се случи поради што ги повикал своите ученици на заедничка вечера во четвртокот навечер. На оваа т.н. Тајна вечера Исус им укажал на учениците негови дека еден од нив ќе го предаде што кај сите предизвикало изненадување: „Вистина ви велам, еден од вас ќе ме предаде. Но тешко му на оној човек преку кого синот човечки ќе се предаде, добро ќе беше за тој човек ако не беше се родил“. Исто така, на оваа Тајна вечера Исус ги благословил виното и лебот со што ја востановил и светата причесна. „И кога јадеа Исус зеде леб, го благослови и рече: Земете, јадете ова е моето тело. И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: Пијте од неа сите, зашто ова е мојата крв на Новиот завет кој се пролева за мнозина за опростување на гревовите“. Последната вечера на Исус со неговите ученици не е наречена Тајна вечера затоа што се одржала во тајност, Исус сè што работел работел јавно, туку затоа што тогаш е востановена причесната како една од повеќето свети тајни.
По вечерата Исус заминал во Гетсиманија, место во близината на Ерусалим, а Јуда веднаш отишол кај првосвештениците за да им го предаде. Тие испратиле вооружени војници, а Јуда им рекол да го фатат оној што тој ќе го бакне. „Кога ќе го целивам, Он е фатете го“, им рекол. По фаќањето Исус бил одведен кај Кајафа. Тука бил испрашуван за неговото учење, но тој ништо не скривал зашто тоа било јавно. Бил обвинет за неморал, за лажно учење и за бунтување на народот. А кога потврдил дека тој е Исус синот Божји, првостештениците сметале дека ја заслужил смртната казна. Но бидејќи на смрт можеле да судат само римските властодршци, утрото, Исуса, врзан го испратиле кај управникот на Јудеја Понтиј Пилат. Но тој знаел дека Исус е приведен од првосвештениците од завист и не сакал да го казни. А кога разбрал дека Исус е од Галилеја рекол дека таму управник е Ирод кој во тој момент бил во Ерусалим и дека тој треба да му суди. Но и Ирод не нашол вина па пак го вратил кај Пилата. Во тоа време имало обичај секоја година на празникот Пасха управникот да ослободува по еден затвореник што ќе го побара народот. Пилат го прашал народот кого да го ослободи, но народот заведен од првосвештениците побарал ослободување за Варава, најголемиот злосторник, а распнување за Исус. Тогаш Пилат предавајќи им го Исуса зел вода и си ги измил рацете пред народот велејќи: „Невин сум за смртта на овој праведник. Мислете му вие“.
Исуса го мачеле, врз грбот му ставиле голем дрвен крст кој требало да го носи до Голгота местото каде што требало да биде распнат. Му ставиле и венец од трње на главата, и му се потсмевале со зборовите: „Радувај се царе јудејски“. Бил распнат заедно со двајца разбојници, а кога војниците го заковувале на крстот тој се молел за нив: „Прости им Господи, не знаат што прават“.
Кога Исус испуштил душа се случиле повеќе натприродни феномени. „И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела, од горниот крај до долниот, и земјата се затресе и карпи паднаа; и гробови се отворија и многу тела на упокоени светии воскреснаа“. Денот кога Исус бил мачен, распнат и кога починал бил петок. Затоа освен Велики овој ден се вика уште и Распет петок.
За да не стои телото на Исус на крстот двајца негови ученици Јосиф и Никодим побарале дозвола од Пилат да го симнат и да го погребаат. Бидејќи претстоел големиот еврејски празник Пасха, Пилат кому не му била чиста совеста во врска со смртта на Исус им дозволил да го погребат. Според обичаите тие го завиткале во платно, го намачкале со мириси, и го погребале во семејната гробница на Јосиф, во која дотогаш никој не бил погребан. Гробот го затвориле со тежок камен. На погребот присуствувале и Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков и Јосија.
Еврејските првосвештеници го знаеле претскажувањето на Исуса дека на третиот ден по умирањето ќе воскресне. Поради тоа го посетиле Пилат и побарале дозвола пред гробницата да стават стража за да не се случи учениците негови да го украдат телото и после да шират вести дека воскреснал. На тоа Пилат им рекол: „Имате стражари, одете и направете како што знаете“. Првосвештениците го запечатиле гробот и оставиле стражари пред него.
Но кога осамнала неделата земјата се затресла и стражарите се исплашиле. Силна светлина ја осветлила Голгота и го најавила воскресението. Исус се појавил како богочовек со што го потврдил своето учење. Потоа слегол ангелот од небото и го отстранил каменот од отворот на гробот. Но тогаш Исус веќе бил воскреснат, нему не му било потребно некој да му го отвори гробот, тоа било направено за другите да се уверат во вистината.
Марија Магдалена прва дошла на гробот на Исус. Кога го видела гробот празен многу се исплашила и загрижила и отрчала да ги викне Петар и Јован, кои веднаш дошле, но го нашле само платното во кое било завиткано неговото тело и крпата за лице внимателно здиплена. Откако Петар и Јован заминале, Марија седнала покрај гробот и тивко плачела. Во тоа време забележала човечка силуета што не можела да ја познае поради утринскиот мрак. Помислила дека е градинарот Јосифов и му се обратила: „Господине, ти ако го зеде кажи ми каде го сокри и јас ќе го најдам“. Во тоа време чула глас: „Марија!“ и го познала гласот на Исус. „Учителу!“, извикала таа и потрчала да му ги прегрне нозете но тој и рекол: „Не допирај се до Мене, оти уште не сум се вратил при мојот Отец; туку отиди при браќата мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и при Вашиот Отец, при својот Бог и при вашиот Бог“. И исчезнал. Марија станала и среќна отишла кај учениците и им кажала дека го видела Господа и што ѝ рекол.
Утрото и други жени дошле на гробот, според обичајот да го намачкаат телото со мириси. Но и тие нашле само празен гроб, а ангелот им ја кажал вистината: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Он не е овде а воскресна; сетете се како ви рече кога беше уште во Галилеја, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне“.
Откако се случил овој настан стражарите дотрчале кај првенците и ги известиле. Но овие им дале многу пари за да не ја кажуваат вистината туку да велат дека учениците го украле телото додека тие спиеле.
Истата вечер Исус им се јавил на своите ученици. Тие биле затворени во една соба плашејќи се од Јудејците. Одеднаш се појавил Исус и ги опоменал да не се плашат, а потоа им ги покажал своите нозе, раце и ребра за да ги увери дека е тој. Дувнал во нив велејќи им: „Примете свет дух“. Потоа побарал и храна и ја изел за да ги увери дека не е привидение. Од учениците тука не бил само Тома кој подоцна кога му кажале дека го виделе учителот не им верувал. Оттука останала и изреката „Неверен Тома“.
Исус им се јавувал на своите ученици 40 дена по воскресението кога се вознесол на небото. Затоа на четириесет дена по Велигден се празнува Вознесение Христово или Спасовден. До овој празник се чувствува свечената велигденска атмосфера, а луѓето се поздравуваат со велигденскиот поздрав: „Христос воскресе“ и си отпоздравуват со: „Воистину воскресе“. Првиот поздрав значи и соопштување на веста за Христово воскресение, а отпоздравот потврда на таа вест.