Во црквата Успение на Пресвета Богородица во Делчево се одржа вечерна воскресна богослужба, како најава за денешното устоличување на Епископ Марко на чело на новоформираната Делчевско-Каменичка Епархија. Епископот Марко на вечерашната богослужба пред присутните верници изрази благодарност за нивното присуство и воедно ги покани на утрешната литургија по повод свечениот црковен чин.
-Ваше високо преосвештенство, чесни отци и преподобни монаси и нонахињи, браќа и сестри, да ви поздравам гостите кои дојдоа оддалеку и укажаа чест по повод устоличувањето наше, на нашата светлост, на новоформираната Делчевско-Каменичка Епархија. Вечерва служевме вечерна воскресна литургија и радост ни е што вечерва сте собрани. Се надевам дека и утре ќе бидете во поголем број на свечената литургија на која ќе биде извршено устоличувањето. Нека е за многу години, мир и благослов Божји, рече Епископ Марко пред присутните верници.
Устоличувањето на епископ Марко е закажано за денеска, а ќе се одржи во сослужение со свештенството од делчевско-каменичките парохии кои ги покануваат сите православни христијани- сите граѓани да присуствуваат на овој светол историски чин од значање за верата и традициите на секој еден христијанин во заедништво со Бога.
Делчевско-Каменичката Епархија е формирана со одлука на Синодот на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија на 20 јуни 2023 година и е една од 15 епархии во јурисдикција на МПЦ-ОА. Седиште на новоформираната епархија е во Делчево со јурисдикција на градовите Делчево и Македонска Каменица заедно со селата во овие општини.