Дресина се судри со патничко такси возило – комбе „мерцедес“ денеска во 12.01 часот кај „Порцеланка“ во Велес. Согласно информациите на велешката полиција, има 12 повредени.
Возачот на дресината во изјава за медиумите, потенцираше дека откако го видел комбето почнал да кочи. Но, за жал, возачот не го погледнал, па возачот на дресината почнал да свири. Додава, дека свирел долго додека не се судрил со комбето.
„Откако го видов почнав да кочам. Тој не ме погледна и почнав да свирам. Долго свирев, додека не го удрив.
Се исплашив, има луѓе и повреди“, изјави возачот на дресината.
Кај фабриката „Порцеланка“ во Велес, во 12.01 часот, се случи сообраќајна незгода меѓу воз на Македонски Железници и такси возило – комбе „мерцедес“, сопственост на такси компанија од Чашка, информира портпаролот на СВР Велес, Ристо Самарџиев за Прес 24.
„Денеска (05.01.2023) во 12.01 часот во СВР Велес било пријавено дека на железничкиот премин кај фабриката Порцеланка во Велес се случила железничка незгода помеѓу воз на Македонски Железници и такси возило – комбе „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на такси компанија од Чашка, а управувано од Д.Ј.(52) од Чашка“, изјави Самарџиев.
Според официјалните информации на полицијата, во незгодата со повреди се здобиле 10 патници кои биле пренесени во Општа болница Велес за укажување лекарска помош.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Велес.