Германските власти уапсија вработен во британската Амбасада во Берлин под сомнение дека шпионирал за Русија, сооопшти германското Обвинителство, пренесе ДПА.
Случајот може да внесе дополнителни тензии во односите меѓу Берлин, Лондон и Москва.
ДПА јавува дека британскиот државјанин, идентификуван како Дејвид С, бил уапсен вчера во Потсдам, а е осомничен дека од лани „успеал барем во една прилика да испрати документ до претставник на руските разузнавачки служби, што го добил за време на извршувањето на своите должности во амбасадата“, се наведува во соопштението.
Тој за пренесената информација добил „неодреден износ пари“, соопшти германското Обвинителство, дополнувајќи дека апсењето било резултат на соработка со британските власти.