Вработени во ,,Еуроникел индустри“ денеска повторно го блокираа патот Градско – Прилеп барајќи спас за фабриката. Поддршка во нивната борба да ја зачуваат компанијата им дадоа и претставници на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), на чело со претседателот Слободан Трендафилов.
– За жал, се случува работниците да се грижат повеќе за компанијата отколку државата. Да бевме нормална држава, денеска ќе требаше двајца тројца директори да бидат во затвор, а овие работници да се на нивните работни места и да ги извршуваат работните задачи, рече Трендафилов.
Тој нагласи дека оваа компанија придонесува за државата и општината. Но, за жал, додаде дека не се води доволно грижа за овие работници, кои на ваков начин сакаат да го привлечат вниманието на јавноста за нивниот голем проблем, што директно засега околу 800 фамилии, а индиректно многу повеќе.
– Најмалку што можеа да направат е Управата за јавни приходи да спроведе присилно извршување и да ги исплати нивните плати. За жал, до денеска тоа не е случено, додаде претседателот на ССМ.
Тој рече дека во 2023 година се случуваат работи што не смеело да се случуваат ниту во минатото, во деведесетите години. Трендафилов додаде дека голем комбинат пропаѓа а никој не води грижа.
– Не е целта политичарите само да се фалат, туку треба да застанат со работниците и да им помогнат најмногу кога тоа им треба. Денес ги повикувам и Владата и УЈП да спроведат присилни извршувања, долгот кој го има УЈП кон овие вработени и од компанијата за неисплатен ддв да го исплати на сметките на овие работници и да им се исплатат платите кои им се заостанати од одбработените месеци, нагласи Трендафилов.
Тој апелираше до раководството доколку не може да ја работи компанијата, да ја даде на нов инвеститор кој ќе работи и овие луѓе ќе ги заработуваат нивните плати и нивната егзистенција.
– Сметам дека не само во Владата на состанок, туку треба да ги повикаат и во Јавното обвинителство и во полициска станица, директорите, кои, несовесно, не го почитуваат законот и прават кривично дело со неисплата на платите на овие работници и ги оставаат да се борат сами за спас на оваа компанија, подвлече претседателот на ССМ.