Државната компанија МЕПСО и ЕЛЕМ стана фирми за решавање на проблемите на функционерски деца. Тука во последнава година се згрижени синови и ќерки со познати презимиња, како Фрчкоски, Џафери, Грчев…

Последен на списокот на вработени во МЕПСО, како што објавија повеќе медиуми, е Дамјан Бучковски, син на поранешниот премиер, лидер на СДСМ, професорот Владо Бучковски. Тој во компанијата бил ангажиран со договор на дело.

Од неодамна во МЕПСО работи и Фиторе Бејта Акику, ќерката на Невзат Бејта, поранешниот градоначалник на Гостивар од владеачката партија ДУИ.

-На последниот оглас за вработување објавен во согласност со Законот за работни односи, на работната позиција референт за набавки во одделот за комерцијални работи вработено е горепосоченото лице како најдобар кандидат од конкурентите на огласот – информираа од МЕПСО за нововработената Фиторе Бејта Акику.

Годинава во ЕЛЕМ се вработи и Бесија Џафери, ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери како референт за правни работи. Оваа година во ЕЛЕМ имаше работно место и за Димитар Грчев, син на поранешниот градоначалник на Центар, истакнат борец во шарената револуција, архитектот и советник во Министерството за култура, Мирослав Грчев.

На почетокот од годинава тука работно место најде и Јон Фрчкоски, син на поранешниот министер за внатрешни работи, професорот Љубомир Данаилов Фрчковски. Потоа Фрчкоски помладиот се премести на подобра позиција како помошник директор во АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

Во меѓувреме, додека се случуваат овие практични кадровски засилувања на државните фирми со истканати презимиња, каде што платите се одлични, актуелната власт ја продолжува декларативната борба за еднкаво општество за сите, против корупцијата, за правда за сите, против партизацијата итн.