Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше разрешена од функцијата повторно се враќа на чело на ова судско тело откако Управниот суд донел одлука да ја поништи одлуката за нејзиното разрешување.
За одлуката на Управниот суд извести порталот СДК, а ја донеле судијките Ељмедине Асани, Виолета Богојеска и Имсале Хасани.
Како што објави порталот Фокус, од свои извори, оваа пресуда е конечна и ќе мора да се почитува, односно сегашниот претседател Сашко Георгиев ќе мора да се повлече од претседателското место, а Дамева да се врати на претседателското место веќе наредната седница.
Дамева беше разрешена со 7 гласови по иницијатива на тогашниот нејзин заменик, Селим Адеми, наводно за нарушени меѓучовечки односи.
Министерот за правда, Кренар Лога, ја поздравува одлуката на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на Дамева од претседател на Судскиот совет како незаконска, објави Макфакс.
– Со ова се потврдуваат сите наводи на министерот, кои во изминатиот период ги имаше за работењето и постапувањето на Судскиот совет, со што се докажува дека на оваа институција ѝ се неопходни реформи. Одлуката на Управниот суд влева надеж за враќање на довербата во институциите и почитување на принципот на владеење на правото, се вели во соопштението на Министерството за правда