Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска се очекува да ги претстави своите планови за нов модел на воена служба, јави ДПА.
По брифирањето на собраниската комисија за одбрана, тој планира попладнево на прес-конференција да ги изнесе своите предлози. Писториус рече дека поддржува некаква форма на регрутирање, барем до одреден степен – контроверзно прашање во Германија.
Задолжителната воена служба во Германија практично беше укината во 2011 година, иако германскиот закон содржи правила според кои луѓето можат да бидат регрутирани во случај на војна или други видови тензии.
Лани бројот на војници се намали на 181.500 и покрај напорите да се регрутираат доброволци.
Министерот за одбрана Писториус нареди анализа на различни модели на регрутирање во вооружените сили. Тој во парламентот рече дека Германија не може да се потпре само на доброволци.