Угостителските објекти кои имаат тераси ќе можат да отворат утре, но ќе треба да ги исполнат препораките за дистанца и заштитна опрема, информираше денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Работното време на угостителите ќе биде до 20 часот, посочи министерот.

Тој додаде дека другите угостители ќе можат да отворат подоцна, откако ќе се види како ќе се почитуваат препораките.

– Ние имавме подготвен протокол од комисијата за заразни болести кој предвидува три фази во отворањето на угостителските објекти. Вчерашната одлука на владата е реализација на втората фаза. Ќе ја следиме ситуацијата и ако се почитуваат протоколите ќе се реализира и третата фаза за отворање на објектите и во затворен простор – рече Бектеши.

Од петок пензионерите повторно ќе можат да се возат бесплатно со јавниот превоз во Скопје вторник, петок, сабота и недела. Од ЈСП „Скопје“ апелираат за рационално користење на превозот и на задолжително носење на заштитна маска согласно уредбите на Владата за заштита од КОВИД-19.

Бесплатниот автобуски превоз за пензионерите беше укинат на 11 март како дел од мерките на Владата со цел да се спречи понатамошно ширење на коронавирусот.

И покрај тоа што според протоколите на Владата во јавниот превоз задолжително е носење на заштитна маска, голем број граѓани не ја почитуваат мерката.