„Лидерот на ДУИ, Али Ахмети стави катанец на Националната алијанса за интеграција (НАИ) со својот навредлив и недостоен говор, за човек кој некогаш тврдеше дека ги претставува Албанците, велат од коалицијата ВЛРЕДИ. Зборовите како ‘загари’ и ‘Газиместан’, кои тој ги употреби во вчерашното обраќање се најјасен доказ за губењето на контролата, паниката и политичкиот крај на човек кој дваесет години го третираше својот народ како приватна сопственост, се наведува во соопштението од ВРЕДИ.
„Ахмети денес повеќе не зборува како политички лидер, туку како некој што се дави во сопствениот јазик на омраза. Кога човек кој водеше две децении го нарекува својот народ ’Газиместан’ и го навредува со ’700 илјади мајки’, тогаш секој Албанец разбира дека овој човек повеќе не претставува никого, освен себеси и неговиот привилегиран круг. Албанците од … Македонија, и оние што гласаа за ВРЕДИ и оние што гласаа за НАИ, не се ’Газиместан’, туку се горда нација, која минатата недела, на 19 октомври, демонстрираше висока демократска зрелост и зборуваше со решителност за промени“, велат од ВРЕДИ.
Според ВРЕДИ, на 19 октомври албанските гласачи се ослободиле од страв, притисок и политичка уцена.
„На 2 ноември ќе славиме заедно и на секој агол бидејќи Албанците ќе победат во речиси сите албански општини. Оваа победа не е само за ВРЕДИ, туку и за сите оние кои одбија да живеат под политичкото и моралното понижување на структура која го изгубила секое чувство за насока. Али Ахмети може да продолжи со навреди, но историјата е веќе напишана: Народот проговори и го испрати кон политичката бездна“, додаваат од ВРЕДИ.




