Шемата на Али Ахмети е пробиена. Гајле нема ни за правата на Албанците, ни за Охридскиот договор, а уште помалку за правичната застапеност, која, патем, имаше цели 25 години да ја претвори во законска гаранција, се вели во соопштението од ВРЕДИ, кое МИА го објавува интегрално.

Вечните фотелјаши од Мала Речица имаат само една цел во глава. Да блокираат сè што е во корист на Албанците, а со таквата политика да ѝ одат нарака на македонската десница и да ја обезвреднуваат албанската политика.
Партијата што цели 25 години не мрдна со прст правичната застапеност да ја заштити со закон, денес го блокира токму законот што ја претвора од партиска алатка во законска обврска. Тоа не е грижа за Албанците. Тоа е страв дека помина времето кога работните места ги делеа со партиски тефтерчиња и ги продаваа за 5.000 евра.

Не можат да поднесат нешто добро за Албанците да помине без печатот на ДУИ. Ако не е нивен проект, нека пропадне. Толку им е паметот.

Корумпираното и изолирано раководство на ДУИ, со пола функционери на црните листи, сака да создаде лажна слика дека албанските права се загрозени само затоа што тие не се дел од Владата. За нив, очигледно, нема албански права без вечните фотелјаши Бујар, Артан, Блерим Беџети и компанијата.

Ама народот одамна им ја провали финтата. Затоа уште долго ќе останат во опозиција.

Недемократската унија за дезинтеграција може да продолжи да кочи, да блокира и да глуми лудило. Но едно ќе остане запишано. По 25 години лажење, токму ДУИ го урива Охридскиот рамковен договор за пуста власт.

Фото: архива