Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека ќе се пресмета со политичарите и новинарите кои добиваат финансирање од странство и повторно ја отфрли можноста за членство на Украина во ЕУ.

Во говорот одржан на митинг во Будимпешта за време на прославата на националниот ден на Унгарија, Орбан рече дека е време да се елиминира „армијата во сенка“ – невладините организации, новинарите, судиите и политичарите платени од САД и Брисел, алудирајќи на неговите планови да преземе строги мерки против невладините организации и медиумите што добиваат средства од американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) и од  милијардерот Џорџ Сорос.

-По денешното празнување следува големо велигденско чистење бидејќи инсектите успеаја да ја преживеат зимата, рече Орбан, додавајќи „ќе ја отстраниме целата таа армија која работи во сенка… која ја поддржува империјата за пари, која работи против сопствената земја“.

Како сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, Орбан се соочува со економија која е тешко погодена од инфлацијата и се помоќна нова опозициска партија, што е најголемиот предизвик за него досега во 15-те години колку што е на власт.

Одлуката на Трамп да замрзне поголем дел од средствата на УСАИД и фактот што тој го испрати најголемиот дел од персоналот на одмор го поттикна Орбан да заземе поостар став кон медиумите и невладините организации кои се финансираат од странски фондови.