Полициски службеници во два наврати на лична адреса ја барале уредничката на Телма, Весна Јовановска Дојчиновска, по наредба на обвинител, за да учествува во распит за информација која воопшто не е објавена на ТВ Телма и на дигиталните сервиси на телевизијата.
Еве што Телма објави за ова:
По вторпат, член на семејството на новинарката ја примил поканата за распит кој се однесува на кривична постапка во која се опфатени други луѓе, а ниту обвинителството ниту полицијата не провериле дали спорната содржина е објавена на Телма.
Покрај тоа, ТВ Телма во допис го има известено надлежниот инспектор на СВР Скопје кој работи по наредба на обвинител на ОЈО-Скопје, дека на спорниот датум (28.02.2022.) воопшто нема таква содржина објавена во вестите коишто ги уредувала Дојчиновска-Јовановска.
Станува збор за кривична пријава за дело „Предизвкување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна и друга дискриманторска основа“ од член 319 од Кривичниот законик, која Марјан Арсовски ја има поднесено против Љубомир Фрчковски.
По пријавата, обвинителот на предметот, повикувајќи се на пријавителот дека спорната содржина е објавена на Телма (што воопшто не е точно) издал наредба до МВР да се испитаат кривичните наводи, да се обезбедат снимки од вестите на 28.02.2022. во 15:30 и во 18:30.
Телевизија Телма по добивање на барањето на почетокот на мај веднаш одговори на припадникот на МВР задолжен за предистражната постапка дека не постои и нема таква информација објавени на вестите на Телма на посочениот датум.
Во наредбата на обвинителот е наведено и дека треба „да се утврди кој бил уредник на вестите во 15:30 и 18:30 часот на ден 28.02.2022., а потоа со истиот да се обави службен разговор на околности во врска со поднесената пријава“.
Иако е испратен прецизен одговор дека не постои таква информација во објавите на ТВ Телма (доставено е и ЦД со снимките на вестите); и полицискиот службеник и обвинителот продолжиле да бараат нешто што не постои односно откако ги дознале податоците за уредничката во конкретниот ден и за нејзината адреса, испратиле покана преку полициски службеници кои во два наврати во неделата и понеделникот биле на адресата и ја барале Јовановска-Дојчиновска (која во еден од тие термини беше на работното место и беше уредник на викенд вестите на ТВ Телма).