Времето денеска ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени врнежи од дожд, особено во западните и крајните источни делови. Снег ќе паѓа само на највисоките планински врвови. Ќе дува засилен ветер од јужен правец со јачина од над 70 километри на час.
Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Ќе дува засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови, под влијание на циклонска активност и серија влажни воздушни бранови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Врнежите на повеќе места ќе бидат обилни и до сабота се очекува да наврнат над 50 литри на квадратен метар, известуваат од УХМР.
Утре локално врнежите ќе бидат поројни и проследени со грмежи. До утре ќе дува засилен, а повремено силен ветер, со брзина од над 70 километри на час од јужен правец, што ќе услови топло време за овој период од годината.
Од УХМР соопштуваат дека, в петок и за време на викендот се очекува значително заладување и врнежите од дожд, кои постепено ќе преминуваат во снег и во пониските места. На планините ќе се формира позначителна снежна покривка, а помала се очекува и во некои пониски места.
Магла со видливост до 50 метри на Попова Шапка
Скопје, 18 јануари 2023 (МИА) – Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Врнежи од слаб снег и магла со видливост до 50 метри има на Попова Шапка, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.