По неколкумесечно одлагање, неделава двајца врховни судии се очекува да реферираат за два предмета од случајот на СЈО „Тенк“.
Едниот предмет пред колегите ќе го изнесе судијата Ристо Катавеновски, а во него се бара највисокиот суд да ја преиспита двегодишната затворска казна за Никола Груевски, како и за поранешниот-помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој беше осуден на четири и пол години затвор, објави БИРН.
Адвокатите на Груевски, во барањето навеле дека Апелацискиот суд одлучувал за дело што застарело, односно дека апсолутната застареност настапила при телефонскиот разговор на Груевски со Јанкулоска, или при исплатата на „мерцедесот“, а не потоа. Ги оспоруваат и бомбите како доказ, а приговараат и на начинот на водењето на записниците и изведувањето на доказите.
Во вториот предмет за случај „Тенк“ за кој известител е судијата Џемали Саити, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска бара да ѝ се провери законитоста на постапката и да ѝ се преиспита четиригодишната затворска казна. И во овој предмет обвинетата Јанкулоска преку нејзината адвокатка бара да се преиспита пресудата поради сторени повреди на законот и поради начинот на кој била водена кривичната постапка.
„Тенк“ е првиот предмет на СЈО за кој се преиспитуваат донесените правосилни пресуди.
Петте судии по реферирањето на предметите може да побараат дополнително време за да ги проучат списите. Потоа треба да одлучат дали да ги потврдат, преиначат или да ги укинат пресудите за набавката на „мерцедесот“ од 600 илјади евра.
Неколку дена пред Горданa Јанкулоска да отиде во затвор, највисокиот суд го одложи извршувањето на затворската казна додека нема одлука за пресудата. За Јанкулоска се водеше раздвоена постапка поради мајчинските обврски, а Груевски и Поповски беа осудени во мај 2018 година.
Од одлуката на Врховниот суд ќе зависи и продажбата на мерцедесот за купување амбулантни возила, најава што ја даде Зоран Заев. Возилото е сѐ уште гаражирано и го чека исходот од последната правосудна инстанца.
Како што пишува БИРН, Груевски во ноември 2018 година кога требаше да се јави во затвор за издржување на казната избега во Унгарија. Ако Врховниот суд потврди, а до октомври 2024 година Груевски не влезе во затвор, ќе му застари затворската казна.
За случајот „Тенк“ на СЈО, во затвор е единствено Ѓоко Поповски. Во пресудата пишува дека поранешниот премиер Никола Груевски им влијаел на другите двајца обвинети, односно од Јанкулоска побарал МВР да купи „мерцедес“, а таа пак го поттикнала Ѓоко Поповски да фаворизира еден економски оператор.