На вториот штрајкувачки ден во јавниот сектор, синдикалниот лидер Дарко Димовски повторно побара надлежните да ги сфатат посериозно и да го добијат покачувањето во најбрз рок. Додаде дека во сите институции штрајкот се одвива нормално. Единствено во еден суд утринава имало мал инцидент.
„Тогаш кажаа дека за сите ќе има 2806 денари со Ребалансот за буџетот – денеска ги нема. Затоа јавно апелирам и кажувам, работникот си дојде по ветеното, работникот си дојде по своето бидејќи веќе немаме друг начин како да издржиме во оваа економска криза.“ Притисоци од сабајле имаше во Основниот суд 2 но тоа ќе го решиме. Искинати се постерите за штрајк, но џабе кинат.“вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.
ССМ и Владата заедно со помирувачот прв пат се состанаа пред два дена, иако процесот на помирување е почнат уште од 7 јуни – но на ниво на највисоките претставници. Работните групи кои согласно законот треба да ги водат преговорите се уште не се оформени, вели Димовски, а медијаторот го нема да закаже нов состанок.
„До ден денеска нема никакви работни групи, не се оформени, ниту има предлог за нивно оформување, ниту има предложено методологија за она што го збориме. Очигледно се купува време а ние немаме време. Медијатор има ама медијаторот го нема.“вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.
Барањата за зголемување на платите од 2806 денари веднаш и враќање на регресот за годишен одмор претставниците на ССМ утре ќе ги искажат пред Министерството за финансии.