Почитувани,
РЕК Битола повторно во прекин! Блокот 2 е надвор од погон. Причина е експлозија во 6 КВ напонска келија за напојната пумпа. Блокот сигурно ни денеска нема да биде ставен во погон. И од РЕК Битола го признаа прекинот и пожарот предизвикан од експлозијата. Секој кој малку разбира знае дека секоја куса врска е пропратена со експлозија.
Почитувани, ова е втор прекин во блокот два, а не минаа ниту 20 дена како е ставен во функција по редовниот ремонт кој траеше 47 дена и чинеше неколку милиони евра! Раководството на АД ЕЛЕМ треба да одговори, зошто по толку скап ремонт, по само десетина дена два пати се расипува вториот блок на РЕК Битола?
Почитувани, на 21 септември поради дефект на електростатскиот филтер на двата ремонтирани блока 1 и 2 РЕК Битола работеше цел ден со исфрлање на целата пепел во атмосферата и силно ја загадуваше околината на РЕК Битола и пошироко.
Вчера настана пожар во 6 киловолтна секција во термоелектраната на Блок 2 во ќелијата на напојна пумпа која исто така е новоремонтирана! Тој пожар се пренесе и на втората 6 киловолтна секција поради што блокот испадна поради хаварисана состојба.
Овој испад ЕЛЕМ го објаснува со смешно и наивно образложение дека имало дефект во осигурувачите?
Прашуваме, зошто ЕЛЕМ ги крие вистинските причини за овие зачестени испади?
Како може веднаш после ремонт на блоковите да се случуваат вакви хаварии?
Колкава е штетата од загадувањето?
Ако сега има експлозии во Блоковите, што ќе се случува зиме? Дали истото ќе го снајде и третиот блок чиј што ремонт, според најавите е во тек и ќе трае до 15ти октомври?
Почитувани, Пресметката вели дека еден час неработа на еден блок во РЕК Битола ја чини државата над 7.500 евра, додека еден ден неработа дури над 180.000 евра! Само штетата од вчерашниот испад поради потрошувачката на 150 тони мазут, поправките што следат и непроизводството на електрична енергија изнесува најмалку 300.000 евра.
Почитувани,
Неодговорноста и неспособноста го доведува во прашање функционирањето на енергетскиот систем во земјава. Јавноста, граѓаните, очекуваат одговорност. Кој ќе ја понесе одговорноста, со име и презиме, за ваквата катастрофалната состојба во РЕК Битола?
Почитувани, ова е резултат на неодговорност и негрижа на одговорните во РЕК Битола и во ЕЛЕМ чиј што единствен мотив е делење на буџетот преку партиска распределба на тендери. Пракса на ова раководство е да се кријат хавариите и да даваат смешни и наивни образложенија. Со тоа само се крие неспособноста на СДСМ да раководи со ЕЛЕМ и со РЕК Битола.