Вториот круг од општинските избори ќе се одржи утре во повеќе од 48.000 општини, повеќе од три месеци по одлуката на Владата да го одложи вториот круг закажан за 22 март, поради епидемијата со Ковид-19 во Франција, јави дописникот на МИА.
Околу 16,5 милиони француски гласачи добија покана да излезат на утрешното гласање, што претставува околу 39 отсто од француското гласачко тело.
За составот на општинските совети во 4.820 општини каде советите не беа целосно избрани во првиот круг, на 15 март, има вкупно 157.632 кандидати. Сепак, поради пандемијата, вториот круг повторно беше одложен во седум општини на Гвајана.
Официјалната кампања меѓу двата круга беше подолга двапати, поради епидемијата и санитарните мерки бидејќи во вообичаени услови таа трае само пет дена.
Општинските советници се избираат со мандат од шест години, според мнозински и пропорционален систем на гласање, што зависи од големината на општините.
Во првиот круг, советите беа целосно избрани во 30.143 општини каде градоначалниците и нивните заменици стапија на должноста кон крајот на мај.
Регистриран е постојан пад повеќе од триесет години на општинските избори, учеството на изборите се намали од 44,6 отсто во првиот круг, наспроти 63,5 отсто во 2014 година.
За да им дозволат да гласаат на оние кои стравуваат, посебно на старите лица, дозволено е еден гласач да има две полномоштва, наместо вообичаеното едно.
Гласачите кои поради Ковид-19 не можат да патуваат, можат да побараат од полицијата или жандармерија да дојде во нивниот дом за да го назначат нивниот полномошник за гласањето.
Во Франција градоначалниците се најчесто предводници на листите.
Најдоцна до 18 јули, советите на сите општини и групите на општините, треба да се обноват, со исклучок на Гвајана, со што ќе се стави крај на општинскиот изборен циклус.