Кина денеска соопшти дека нејзиниот буџет за одбраната, втор во светот по американскиот, ќе биде за 7,2 отсто поголем во 2023 година.
Издвојувањара за одбрана се повисоки од 2022 година, кога беа зголемени за 7,1 отсто, се наведува во извештајот на Министерството за финансии објавен на маргините на отворањето на годишното заседание на Секинескиот народен конгрес.
Пекинг планира да потроши 1.553,7 милијарди јуани (225 милијарди долари) за одбраната, што е и натаму околу три пати помалку од буџетот на Вашингтон.
Премиерот Ли Кечијанг во Парламентот апелираше да се интензивираат обуките на армијата и борбена готовност, како и да се спроведат иновации во стратешките насоки.
Високи американски претставници неодамна ја обвинија Кина дека сака да го нападне Тајван во наредните години, како и дека управува со флота од воени балони кои го шпионираат целиот свет.
Од минатата година НАТО го оценува азискиот гигант како предизвик за интересите на земјите од Алијансата.
Кина истакнува дека нејзината војска е чисто одбранбена и дека има само една воена база во странство, во Џибути, во споредба со неколку стотици американски воени бази.