Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска објави дека повторно е поништен јавниот повик за финансиска поддршка на авиокомпании што беше објавен на 13 септември годинава.

На денешната прес-конференција во Владата, Сугарески информираше дека  до крајниот рок е доставена само понуда од Визер, но таа не одговара со условите и критериуимите во тендерот.

Претходно беше поништен и првиот тендер, со чудно образложение дека имало техничка грешка со пликовите во кои била понудата на Визер.

Министерот Сугарески информираше дека до крајниот рок е доставена само понуда од Визер, но таа не одговара со условите и критериумите во тендерот.

Авиокомпанијата Визер доставила понуда во која сите четири дестинации од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, планира да ги воведе во август 2019 година што е спротивно на еден од критериумите во тендерот.

– Во повикот јасно стои дека авиокомпанијата има обврска до 10 јануари 2019 година да воведе две линии од аеродромот во Охрид и уште две во рок од една година од потпишувањето на договорот. Авиокомпанијата Визер понудила сите четири дестинации да ги воведе во август 2019 година. Поради ова, комисијата констатираше дека условите од јавниот повик не се исполнети и даде препорака овој јавен повик да се поништи. Оваа фактичка состојба не ми остава никаква друга можност освен доследно почитувајќи ја  уредбата и јавниот повик повторно да ја поништам и оваа постапка, нагласи Сугарески.

Министерот информира дека Министерството за транспорт и врски ќе објави нов јавен повик.

– Критериумите и условите нема да ги менуваме, тие ќе бидат исти како и на претходниот јавен повик, истакна Сугарески.

Тој нагласи дека нема никаква тенденција во поништувањето на тендерот и ги отфрли шпекулациите дека тендерот се мести за Ер Албаниа.