Министерот за одбрана во технички мандат Милош Вучевиќ денеска изјави дека властите во Приштина континуирано вршат притисок врз Србите кои живеат во Косово и дека тоа е најголемиот безбедносен ризик за Србија.
Вучевиќ за телевизија Пинк изјави дека „етничкото чистење на Србите се случува де факто“ на Косово, поради што Србија има опција „да се бори политички и дипломатски, опција да оди во конфликт и војна, како и опција да молчи и не прави ништо“, пренесе Бета.
-Мислам дека првата опција е најдобра, рече Вучевиќ, кој додаде дека Србија секојдневно презема политички и дипломатски активности во врска со настаните во Косово.
Тој рече дека властите во Приштина, предводени од премиерот Албин Курти, преземаат такви активности „да не остане ниту еден Србин“ во Косово, бидејќи, според него, „очекуваат дека тогаш Србија ќе ја признае еднострано прогласената независност“.
-Ни тогаш не би се согласиле. Да не се занесат дека со тие напади врз нашиот народ ќе ја наведат Србија да го признае Косово и Метохија. Нема признавање, рече Вучевиќ.
Тој посочи дека Белград „за жал нема со кого да разговара за проблемите на Србите, бидејќи Курти нема да разговара.
фото: МИА архива