Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти денеска се среќаваат во Брисел во нова рунда дијалог за нормализација на односите, со посредство на ЕУ, по повеќе од една година, пренесе Бета.
Состанокот започнува во 10:30 часот, а домаќин е високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
Борел ќе има одвоени средби и со Вучиќ и Курти, соопшти Европската служба за надворешни работи, а на крајот од средбата ќе се обрати и пред медиумите.
Неколку дена пред состанокот, Европската комисија објави дека мора да има и ќе има дискусија за сите отворени прашања, нагласувајќи дека најважно е двете страни да престанат со непријателствата, со запалливи пораки и тензии и да се дејствуваат одговорно.