Српскиот фудбалски репрезентативец Александар Митровиќ, кој го постигна победничкиот гол синоќа во квалификацискиот дуел за СП 2022 против Португалија (2:1), ги сподели своите впечатоци од натпреварот.
– Одигравме одличен натпревар и сосема заслужено победивме. Бевме подобри од нашиот ривал во сите аспекти на играта. Дадоа гол по наша грешка, но ние имавме 3-4 шанси за гол, па мислам дека заслуживме победа и билет за Катар, изјави Митровиќ.
Тој победничкиот гол го постигнат во 90. минута, претходно за Србија погоди и Душан Тадиќ (33. минута), додека за домаќинот единствениот гол го постигна Ренато Санчез по само две минути игра.
Португалците по овој пораз го освоија второто место во групата и за пласман на Мундијалот во Катар ќе мора да се изборат преку бараж.
Пред натпреварот српскиот претседател Александар Вучиќ им вети на српските репрезентативци награда од 1 милион евра доколку победат во натпреварот против Португалија.
– Во договор со Владата на Србија ќе издвоиме за вас дополнителна премија од еден милион евра доколку победите, а можете да ги победите. Јас не умеам да кажам „одете и играјте“, туку мојата девиза е „одете и победете“. Ние од наша страна ќе го почитуваме каков и да биде конечниот резултат доколку се борите и дадете сè од себе, а не се сомневаме дека ќе биде така, им порача Вучиќ на српските фудбалери.