Српскиот претседател Александар Вучиќ на вчерашната годишната прес-конференција најави парична помош за сите млади на возраст од 16 до 30 години.
– Подготвивме мерка за сите лица на возраст од 16 до 30 години која брзо ќе се спроведе, рече Вучиќ, пренесува Нова.рс.
Пријавувањето за оваа мерка ќе започне на 15 јануари и ќе трае до крајот на месецот.
– Оние кои ќе аплицираат треба да имаат сметка во банка, а парите ќе бидат на сметката околу 1 февруари, објасни Вучиќ.
Тој потсети и дека здравствените работници околу 15 јануари ќе добијат еднократна помош од 10.000 динари (околу 85 евра), а на 10 февруари на пензионерите ќе им бидат исплатени 20.000 динари (околу 170 евра).
– Тоа е голема помош за околу 2,9 милиони луѓе, нагласи српскиот претседател, додавајќи дека Владата може да го направи тоа поради добрата состојба на јавните финансии.
Вучиќ најави дека од 1 јануари за прво дете луѓето ќе добиваат еднократна помош од државата од 300.000 динари (околу 2.551 евро), наместо досегашните 100.000 динари (околу 850 евра).
– Ќе има и поволности од 100.000 динари за второ, а за прв пат и за трето дете, додаде Вучиќ.
Тој смета дека комбинацијата на стари и нови мерки ќе биде важна за посиромашните слоеви на општеството и ќе помогне да се развие свеста дека нема иднина без деца.
Претседателот на Србија посочи дека државата ќе биде подготвена и за помош при купување на недвижен имот од 10 до 50 отсто.