ВУЧИЌ: Ќе мора да увезуваме работна сила од сите страни на светот

/ 16.05.2024

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Котор изјави дека договорот за промет на трудот има исклучително позитивно влијание врз Србија, додавајќи дека 3.300 лица ја искористиле оваа можност и се вработиле во Србија.

– Имаме недостиг од работна сила, иако формално се уште имаме стапка на невработеност од 8,9 или 9 проценти, но ќе мораме максимално да увеземе работна сила од сите делови на светот во наредниот период, доколку сакаме да ја задржиме нашата економска перспектива со стапка на раст и кон побрз напредок – рече Вучиќ, одговарајќи на прашања на новинарите во Котор, пренесе Телеграф.

Тој рече дека јавниот долг на Србија во однос на БДП е 47,8 отсто, за разлика од периодот кога тој дојде на власт и кога јавниот долг изнесувал 75 отсто и додаде дека за оние во Евростат јавниот долг во Србија е најмал во регионот и двојно понизок отколку за ЕУ.

– Задоволен сум бидејќи немаме проблем со задолжувањето. Има луѓе кои секојдневно измислуваат и зборуваат глупости, но најверојатно така им доаѓа, дека си даваат крилја кога лажат за Србија. Луѓето знаат дека за јавните финансии се грижиме сериозно и на добар, внимателен и сериозен и одговорен начин – рече претседателот.

Вучиќ денеска присуствуваше на Самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан и Европската Унија под слоганот „Еден регион, заедничка визија“, што се одржува во Котор.


Од истата категорија