Српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференцијата со македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој денеска беше во прва официјална посета на Белград, истакна дека не сака ЕУ и натаму да се однесува кон земјите од регионот како со кукли на конец.
На прашањето што може да значи францускиот нон пејпер за Србија и Македонија, вели дека сите земји чекаат да станат членки на ЕУ и дека тоа не е спорно, но дека тие во Брисел не знаат што точно да прават со нас.
Ме прашувате дали се во Брисел сигурни дека знаат што ќе прават со себси или со нас, јас ќе ви кажам дека тие не се сигурни што сакаат со нас. Јас тоа на Зоран (Заев) му го кажав кога бевме во Нови Сад. Заев ме гледаше како да сум “шлакнат“ кога му кажав дека нема да му отворат преговори и бев во право, рече Вучиќ.
Кој и да каже нешто друго би ве излажал. Зборував со Заев во Нови Сад дека нема да има отворање пристапни преговори, а тој ме уверуваше дека му ветиле и се виде што било“, нагласи Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека со Македонија, пред сè, поради преспанскиот договор, ќе се отворат преговори во март или мај во Загреб, но дека се поставува прашањето што потоа.
Ќе имате 15 дена да се фалите на телевизија дека се отворени преговорите. Но, што потоа, праша Вучиќ.
Тој порача дека земјите во регионот мора да работат и да се договараат за напредување во иднина, да отвораат повеќе автопатишта, пруги, да се поврзуваат и да покажат повеќе почит едни кон други.