Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е во Белорусија на „Европските спортски игри“, коментирајќи ги заострените односи меѓу Белград и Подгорица, изјави дека во„ Црна Гора се води кампања против Србија и дека треба да се намалат тензиите“.
– Најдобро е да застанеме и едните и другите и би сакал да верувам дека тоа е можно, истакна Вучиќ.
Тој додаде дека „му е најсмешно кога ќе прочита во медиумите дека Србија спроведува кампања против Црна Гора, а во нивните медиуми се објавуваат десетици страници за наводната стогодишна српска окупација на Црна Гора“.
Во врска со „поканата на разговор“ на српскиот амбасадор во Подгорица, Зоран Бингулац во Министерството за надворешни работи на Црна Гора, Вучиќ оцени дека ова мерка е за внатрешна употреба во Црна Гора, во насока на тоа „колку се силни“.
– Министерот Ивица Дачиќ ме праша дали да испратиме нота. Го замолив да не го прави тоа. Ние тоа ќе го сториме кога ќе имаме нешто реално, а не поради изјави на некои политичари или други. Можеме да испратиме 15 ноти на дневно ниво. Но подобро е да ги намалиме тензиите, што ќе послужи на интересите на српскиот народ. Подигнувањето на напнатоста нема да му служи на никого, посочи Вучиќ.
Што се однесува до неговиот коментар за Венецијанската комисија, тој рече дека сака да ги почека заклучоци.
– Сакам да ја прочитам одлуката на Комисијата пред да ги донесам заклучоците, истакна српскиот претседател.
Црногорската Влада вчера соопшти дека „на пленарна сесија, Венецијанската комисија усвоила позитивно мислење за Предлог-законот за слобода на вероисповест или уверувањето и за правниот статус на верските заедници“, истакнувајќи дека предложениот правен текст „носи значителни позитивни промени во постоечкото застарено законодавство#.
– Со ваквото гледиште, Венецијанската комисија ја поддржа клучната обврска на Владата со предложениот закон да се обезбеди секој граѓанин на Црна Гора да му биде загарантирана слободата, да по сопствена совест бил тој или не верник на било која вероисповест, афирмирајќи го правото на државата да ги заштитува имотот и културните добра кои им припаѓаат на сите граѓани и да обезбеди дека законите на Црна Гора се однесуваат подеднакво на сите, на целата територијата на државата, порачаа од црногорската Влада за законот кој наскоро ќе биде проследен во собранието на разгледување и гласање.
Српската премиерка Ана Брнабиќ вчера изјави дека се надева оти Црна Гора ќе има вистински дијалог со Србија и дека нема да го загрози имотот на Српската православна црква во Црна Гора со носењето на овој закон.
По повод завчерашниот коментар на министерот Ненад Поповиќ дека режимот на Црна Гора е „непријател на Србија“, a црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ „најобичен криминалец“ Брнабиќ рече дека сите треба да бидат рационални и да реагираат како српскиот претседател Александар Вучиќ – смирено и избалансирано.