Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Белград имаше разговори со командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, адмирал Стјуарт Манча во кои изразил сериозна загриженост за драстичното влошување на и онака тешката состојба на српската заедница на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ порача дека Србија очекува КФОР да одржи неутрална позиција и да дејствува проактивно за да спречи какво било нарушување на безбедносната ситуација на теренот.
Тој на својот Инстаграм профил соопшти дека имал „добар и отворен разговор“ со адмиралот Манча, во кој размениле мислења за актуелната безбедносна ситуација во регионите на Западен Балкан и Блискиот Исток.
– Изразив сериозна загриженост поради драстичното влошување на и онака тешката состојба на српската заедница на Косово и Метохија и повторив дека Србија го поддржува ангажманот на КФОР во строго, целосно и непристрасно спроведување на мандатот врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и дека очекуваме КФОР да задржи статусно неутрална позиција и проактивно да дејствува за да спречи какво било нарушување на безбедносната ситуација на терен, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.