Српскиот претседател Александар Вучиќ и коалицискиот партнер и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ денеска во два одвоени авторски текста ги сумираа надворешно-политичката активности на Србија, по состаноците во Пекинг и Берлин со лидерите на Кина, Русија, Германија, Франција…
Претседателот Вучиќ во авторскиот текст во Курир, порача дека на Србија и е „важно да стане дел од Европската унија, но уште поважно е, прво да се преживее, а потоа да се обезбеди сигурна иднина за поколенијата, без разлика на сите формални рамки во кои ќе се движиме”.
– Не можеме сами тоа да го сториме, така што ни требаат пријатели, рече Вучиќ оценувајќи дека проблемите на овие простори не можат да се решат без Европа.
Тој истакна дека ова е „точката која одредува дали следната година ќе помине во гигабајти или во митови. Брзо или многу бавно. Во развој или во расправии и поделби. Во неразбирање или во збунетост”.
– Дел од Балканот тоа очевидно не го разбра. (Денис) Звиздиќ, (Рамуш) Харадинај, (Хашим) Тачи ја потценија Европа, Меркел и Макрон, на начинот на кој тоа не е направено уште од познатиот мит во кој таа е девојка која Зевс ја зема и ја силува, напиша Вучиќ.
Тој за средбата во Берлин, изјави дека „нашите балкански поделби, кавги, ситни интереси, нарцисоидност на мали разлики повторно беа, поважни на дел од балканските политичари, отколку потреба преку компромис нешто да се направи”, оценувајќи дека „Европа нема да се повлече, свесна дека овој простор е нејзини простор и дека овој проблем е нејзин проблем “.
Во текстот Вучиќ ја истакна важноста од средбите во Пекинг, со кинескиот и рускиот претседател, но додаде дека „без разлика на растечката сила на Кина и Русија, големата сила на Америка, ние мораме да разбереме дека без Германците, Французите, Италијанците и другите Европејци, нема да можеме да решиме ниту еден проблем во иднина“.
Шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ исто така во авторски текст во Српски телеграф ги толкуваше најновите надворешно-политички активности на Србија, каде напиша дека „до јули, кога треба да се одржи нов самит во Париз, Србија и претседателот Александар Вучиќ ќе бидат под силен притисок. На сите можни и невозможни начини, ќе се обидат да нè скршат, да ја ослабнат нашата позиција, да дојдат до тоа Србија да изгуби сè, а Приштина да добие сè”.
Според Дачиќ, ќе има обиди за продолжување на дијалогот без укинување на таксите, што „Србија никогаш нема да прифати”.
– Ќе ги условат нашите преговори за влез во ЕУ со барање да и наметнеме санкции на Русија, да се откажеме од партнерството со Кина. Под слоганот на загриженост за интересите на нашите граѓани, ќе се обидат да ни ги затворат сите врати, оцени Дачиќ, констатирајќи дека „тоа нема да им помине”.
Тој додаде дека тоа нема да се случи додека Србија ја има оваа власт „која има пријатели во Москва и во Пекинг, но и во Берлин, Париз, Вашингтон, Брисел“..
– Нашите пријатели од Москва и Пекинг ни даваат безрезервна поддршка кога станува збор за борбата за Косово, што е гаранција дека во ОН ниту Харадинај, ниту Тачи или Пацоли не можат да ја скршат Србија и Србите, нагласи шефот на српската дипломатија.