Освен признавање на Договорот од Преспа преку изјави и декларации, ЕУ сега е повикана да преземе одлучувачки чекор и да донесе клучна одлука за почеток на пристапни преговори со С. Македонија, порача претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис за време на неговото обраќање на првата Конференција на претседателите на Парламентите на земјите членки на ЕУ на тема „Европската Унија и нејзините соседи“, што се одржа во Виена.
Вуцис, неговиот говор го започна повикувајќи се „на најуспешниот пример за добрососедски односи, склучувањето на Договорот од Преспа меѓу Грција и С. Македонија“, јави МИА од Атина.
– Покажавме дека кога постои неопходната политичка волја, државите можат на мирен начин да ги решаваат нивните разлики, врз основа на меѓународното право и принципите на добрососедство. Од една страна, договорот ја создава соодветната рамка за целосен развој на нашите билатерални политички и економски односи со С. Македонија во корист на нашите народи. Нашите билатерални контакти на сите нивоа, веќе се чести и блиски и целиме кон создавање на целосен и модерен систем на соработка, рече претседателот на грчкиот Парламент, а се задржа и на минатонеделната посета на Алексис Ципрас на Скопје.
Рече дека Договорот од Преспа „го отвора патот за евро-атлантска и европска перспектива на С. Македонија“, но и дека се отстрануваат пречките за соработка, „давајќи ѝ можност на Југоисточна Европа да има корист од иницијативите за развој, како што се кинеската Οne belt-Οne road и американските економски и енергетски проекти за регионот“.
-Важноста на овој договор е признаена од целата меѓународна заедница, почнувајќи од ЕУ и би сакал да ви се заблагодарам, драги колеги и за вашиот охрабрувачки став, како и за соодветното јасно споменување во текстот на Декларацијата што ќе ја усвоиме на нашиот состанок. Но, освен признавањето преку изјави и декларации, ЕУ сега е повикана да преземе одлучувачки чекор и да донесе клучна одлука за почеток на пристапни преговори со С. Македонија, истакна претседателот на грчкиот Парламент за време на неговото обраќање.
Вуцис се задржа и на европската перспектива на регионот, рече дека за Грција главен приоритет е интеграцијата во ЕУ на земјите од Западен Балкан.