Белата куќа даде „зелено светло“ за нова средба во блиска иднина меѓу претставниците на Белград и Приштина, по откажувањето на средбата за 27 јуни во Вашингтон, наведува „Гласот на Америка“.
Специјалниот претставник за преговорите меѓу Белград-Приштина, Ричард Гренел, на видео минатонеделната конференциска врска со активисти на американско-албанската заедница јасно стави до знаење дека оваа шанса не треба да се пропушти, изјави Мартин Вулај, поранешен директор на Албанско-американскиот национален совет.
-На некој начин тој покажа фрустрација. Постои тој страв дека САД можат да се чувствуваат фрустрирани од целиот процес, дека и тој самиот може да добие други задачи, доколку проценат дека двете страни не се подготвени за договор. Ден по видео-конференцијата со нашата група, Гренел се сретна со претседателот Трамп и го праша, а претседателот му даде дозвола да го продолжи процесот, како последно средство, ако може и јас така да кажам, рече Вулај за албанскиот сервис на „Гласот на Америка “.
Фокусот на средбата, како и досега, ќе останат економските прашања, но Вулај верува дека разговорите би можеле да создадат нова енергија, која ја гледа како чекор и кон политичко решение, наведува ВОА.