Вкупно 28 пожари избувнаа во Албанија во изминатите 24 часа, од кои 4 се активни а три се под надзор, соопшти Министерството за одбрана.
Во операциите за гаснење беа вклучени вкупно 350 оперативни сили и 35 противпожарни возила, додека вооружените сили ги поддржаа операциите со 50 лица и хеликоптер.
-Моментно, главниот фокус е на дебарскиот округ (Пешкопеја), во североисточниот дел на земјата, во блзина на границата со Северна Македонија, каде што има два активни пожари во близина на градот Булќиза. Во еднот случај екипите се борат со пламен што зафаќа ниска вегетација и борови дрвја, додека другиот пожар е лоциран на карпест терен со грмушки и смреки, наведува министерството.
Два пожара остануваат активни во округот Елбасан, оној кај Либражд и кај Прењас, засега без ризик за станбените области.
Ситуацијата на планината Дајти е подобрена. Врнежите од дожд од претходниот ден ги изолираа жариштата, по распоредувањето на 38 локални оперативни сили и 50 припадници на вооружените сили. Областа ќе продолжи да биде под надзор, со цел да се избегне какво било повторно активирање.
Во Саранда, пожарот во центарот на градот е ставен под контрола по вклучувањето на Министерството за животна средина, полицијата, Силите за брза интервенција, општинските сили и хеликоптер на вооружените сили. Областа и понатаму е под надзор.
Националната агенција за цивилна заштита продолжува континуирано да ја следи ситуацијата низ целата земја, во тесна координација со префектурите, општините и сите структури на системот за цивилна заштита.
Оперативните капацитети остануваат ангажирани на терен и подготвени да интервенираат со приоритет даден на заштитата на животите, домовите и имотот на граѓаните.




