На една од последните видео прес конференции, шефовите на бугарската и македонската историска комисија, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев истакнаа една работа која кај нас помина незабележано. Како што истакна Димитров, наведувајќи примери на „глупости“ во нашите учебници по историја, во еден од нив стоело дека црквата во Филипи, првата црква која апостол Павле ја основал на тлото во Европа, е македонска. Тоа било глупост, рече Димитров, и двете комисии, бугарската и нашата се согласиле дека тоа треба да се избрише. Ѓоргиев на ова премолчи, но и немаше што да каже кога веќе нашите политички комесари – историчари по професија – се согласиле со бугарските забелешки (јасно ви е белким дека тука Бугарите не одработувале само за себе, туку и, или пред се, за Грците).
И навистина, ако сте од родот на „шарените“ социолози и слични суштества, ако имате исушена рака или ако сте црпнат од нива, оваа забелешка на Бугарите прифатена од Северните, ќе ви изгледа во ред. Црквата во Филипи македонска? Ама ајде ви се молам! Уааа антиквизатори!
Арно ама, ако го ставите малку прстот на чело, ќе видите дека таа црква, кога веќе е основана во Македонија, може слободно да ја носи придавката „македонска“. Не може да ја носи придавката „бугарска“, „грчка“, уште помалку „северна“ итн. Како и таа во Солун. Можете кон таа придавка да додадете дека од таа црква основана од апостол Павле, настанале денешните цркви на Балканот (во Бугарија, Србија, Македонија итн, освен во Грција која нека си влече корени од црквата во Коринт), значи не мора да имате тесен ум па да ја поврзете денешната МПЦ директно со таа црква и да градите ексклузивитет врз таа основа, но дека црквата во Филипи била македонска, како и таа во Солун, и дека од тие цркви денес се изродени праволсавните цркви не само во овој дел на светот, туку и пошироко (не отишол апостолот во Русија, нели) тоа е факт. А, токму тоа стоело во нашиот учебник, дека црквата е македонска, што за двете комисии или како што ја нарекуваме – „мешавитата“, било, замислете – глупост.
И тоа ни го велат луѓе кои прифатиле дека тие во себе ја носат, што би рекол Заев, „историската вистина“. Исто како што политичките комесари во четите на Хитлер и во четите на Сталин ја носеа со себе апсолутната вистина за тоа кој систем е најдобар на светот, па имаа задача да внимаваат другите војници да не се однесуваат надвор од таа нивна апсолутна вистина.
Во секој случај, тој беден и мизерен чин на искривување на една реалност, кај нас помина незабележено. Од нашата наука за антиката која очигледно не е тоа, од нашите теолози кои многу добро знаат дека апостол Павле прави разлика меѓу Македонците и Елините во своите посланија, и се разбира, од цветот на Заевата демократија, бедното и неписмено новинарство во Северна.
Но, не мислат сите така. Еве што за ова велат од Националната христијанска фондација во текстот подоле од овие редови. Да не бидам разбран погрешно, не што велат за Димитров и Ѓоргиев, не за нашиот учебник, туку за Македонците од времето на апостол Павле во една тематика која е од сосема друга природа. А, и господата од НХФ, на кои сигурно ни на крај памет не им е грчко-македонската расправа (грчко-северна расправа веќе не постои, нели) – прашање е дали воопшто и чуле за нејзе, а и нивниот текст нема допирна точка со тоа – секако знаат дека апостол Павле правел разлика меѓу тоа кои се Елините, а кои Македонците. Македонци, кои според еден наш историски приучен политичар, во тоа време ги немало зашто Римјаните ги раселиле.
Се разбира, тие од НХФ не велат со овој текст дека ние, денешните Македонци и тогашните, сме едно те исто. Далеку од тоа, но од друга страна никој со малку разум не може да тврди и дека нема некоја линија или барем тенка свилена нишка што не поврзува. Но, тие од НХФ очигледно исто така многу добро сфаќаат дека тие Македонци не се Грци, па тука очигледно не постои ни тенката свилена нишка.
Инаку, Националната христијанска фондација е осма по големина непрофитна невладина организација во САД, која им помага на донаторите за тоа каде да се насочат нивните средства. Од 1982 година до денес таа има собрано и пласирано над 13 милијрди долари. Само име на организацијата доволно кажува за нејзините цели и ангажмани.
Основана е од Лари Баркет, Рон Блу и Тери Паркер во 1982 година. Авторката на овој текст е главен уредник на нивниот портал, новинар по професија, посветена на христијанството.
Самиот текст е инсипиран од благодарноста која апостол Павле ја искажува кон црквата во Филипи и кон таа во Солун, кон тие први верници во Христа, кои први го помогнале со неопходни нешта, не само него туку и црквата во Ерусалим, иако и самите немале за себе. Значи, ова е текстот:
САКАЈЌИ ЈА ЦРВАТА: Дали можеме да бидеме дарежливи и да веруваме како Македонците?
Пишува: Џил Фоли Тарнер
Како беше можно некои од најсиромашните и најпрогонуваните цркви во Новиот Завет да станат најдарежливи, дури и да изобилуваат со дарежливост?
Во Второто послание до Коринтјаните, 8-9 глава, ја дознаваме приказната за тоа како благодатта од Бога им дозволила на една сиромашна група цркви да им помогнат на нивните браќа и сестри во Ерусалимската црква кои страдаат откако тие побарале помош.
И резултатот беше чиста радост.
Така, во состојба на тешка неволја, нивното изобилство радост и нивната крајна сиромаштија се прелеаја во богатство на дарежливост.
Денес, црквите ширум нашата земја се борат да го преживеат економското влијание на вирусот што го погоди целиот свет. Да ги погледнеме овие Македонци и да видиме што можеме да научиме од тоа како дадоа поддршка на најраната црква. Што се случи?
Околу две години порано (Дела 16: 6-10), апостол Павле запрел ноќта во Троја, на источниот брег на Егејското Море. Неговите планови за патување да ги посети црквите во Азија беа прекинати со визија. Еден човек од Македонија (непрецизност во текстот, не е „човек од Македонија“, туку „Македонец“, н.з.) го молеше:
„Дојди во Македонија и помогни ни“.
Светиот Дух не им дозволуваше на Павле и на неговите придружници да одат на друго место, но патот кон Македонија се отвори, па тие ја напуштија Троја. Тие пловеа преку Егејот и започнаа да основаат цркви низ Македонија во градови со имиња што веројатно ќе ги препознаете. Македонија стана дом на голем број рани цркви што ги спомнал во своите писма – Филипи, Солун и Бер. Овие млади македонски цркви биле сериозно прогонувани поради христијанството и тоа ги довело во состојба да бидат сиромашни до крајни граници. Библијата вели дека тие стигнале до дното на сиромаштија (2. Коринтјаните 8: 2), но сепак нивното сочувство кон прогонетите еврејски верници во Ерусалим и нивната подготвеност да помогнат, станале пример за дарежливост кон целото тело цркви. Македонците доживувале сиромаштија „до најголемите длабочини“, но сепак станале пример за великодушност.
Уште повеќе што позначајно од подарокот што го дале е начинот на кој тоа се случило. Павле пишува за тоа како посебна „благодет“ дадена од Бога (стих 1). Џебовите на Македонците биле празни, но нивните срца биле полни.
Тие биле преплавени со благодарност кон верниците во Ерусалим зашто овие не ги отфрлиле незнабошците, туку ги внеле во семејството Божјо…
…Кога Павле ќе ја објасни македонската приказна на коринтската црква (на Елините, н.з.), тој ќе им објасни еден принцип: Сеј великодушно и ќе жнееш великодушно. Тоа е едноставно. Но, тогаш тој продолжува: Дајте повеќе од она што е лесно да се даде на Божјите намери и најверојатно ќе можете да го направите тоа повторно. Благодатта што Бог им ја даде на Македонците? Тој и даде повеќе од тоа (2. Коринтјаните 9: 8). И тој често им го дава на оние кои го живеат животот со отворена рака:
Оној што му дава семе на сеачот и леб за храна, ќе го снабди и размножи вашето семе за сеидба и ќе ја зголеми жетвата на вашата правда. Вие ќе бидете збогатени на секој начин, да бидете дарежливи во секој поглед, што преку нас ќе произведе благодарност кон Бога.
– 2. Коринтјаните 9: 10-11
Во ова време, кога малите цркви страдаат, кога дури и на големите цркви им треба повеќе за да ги обезбедат своите членови, кога многумина од телото на Христос ширум светот страдаат за храна, треба да го прашаме Бога колку повеќе тој сака од нас да даваме. Ако ви оставил желба да ја зголемите вашата дарежливост, верувајте му да дека ќе ви обезбеди семе за сеење и ќе ви остави доволно за храна. И молете се да го зголеми бројот на луѓе што ќе се врстат кон Исус заради вашата дарежливост, да даде благодарност, да му донесеме пофалби на неговото име и да ги исполни срцата со радост.
Овој извор на великодушност (8: 2) е образец. Го видовме тоа со кралот Давид и неговиот народ (1 Летописи 29), и го гледаме во македонската црква. Се шири и во другите цркви во првиот век. Можеби може да се прошири низ црквата во ова критично време, така што светот ќе го види Исус заради нашата љубов и поддршка едни кон други.
Секој може да биде дарежлив.
Македонците беа она што ние ќе го наречеме „нечиста сиромаштија“, но сепак тие сакаа да бидат дарежливи. И Бог им ја исполни желбата да го сторат тоа.
Исус вели дека кога им помагаме на другите, особено на нашите браќа и сестри кои страдаат, ние всушност правиме нешто за него (Матеј 25:40). И, сигурно знаеме дека тој не заборава (стихови 37-40). Кога даваме на црквата, покажуваме љубов кон телото на Исус и на крајот го сакаме самиот Исус.
И секој може да го стори тоа. Македонците беа она што ние ќе го наречеме „нечиста сиромаштија“, но сепак тие сакаа да дадат. Бог им ја исполнил желбата. Ако чувствувате желба да дадете повеќе, тој може да ја исполни вашата желба.
Се молиме за ова, заедно со авторот на Евреите:
„Сега нека Бог на мирот, кој го врати од мртвите нашиот Господ Исус, големиот пастир на овците, со крвта на вечниот завет, да ве опреми со сè добро за да ја исполните неговата волја, креирајќи го во нас она што е пријатно пред Него, преку Исус Христос, на кого да му е слава засекогаш. Амин. – Евреите 13: 20-21
(Џил Фоли Тарнер е главен уредник во Националната христијанска фондација (НЦФ). Таа има завршено новинарство и работи како писател на наставни програми во Библијата, хонорарен новинар и уредник на теолошки книги повеќе од 15 години. Таа работела со низа други организации)