Полските студенти се восхитени од автентичноста на македонскиот јазик, кој на Шлезискиот универзитет можат да го изучуваат од најосновното рамниште, а еден дел од нив продолжуваат со изучувањето на повисоки рамништа.

Затоа, на вториот циклус студии, часовите по македонски јазик се одвиваат интензивно, на значително високо рамниште, а на Универзитетот има и докторанти по македонски јазик. Но, веќе се создаваат и нови перспективи – со заеднички проект за модерни славистички студии на Шлезискиот универзитет (Полска), Остравскиот универзитет (Чешка) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), поддржан со програмата Еразмус Плус, соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.

Како резултат на овој проект, како што се посочува, веќе ќе може да се очекува и зголемување на интересот за македонскиот јазик, литература и култура на вториот циклус студии на Шлезискиот универзитет.

Од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура потенцираат дека овие информации доаѓаат од лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, Полска, по повод значајниот јубилеј што ќе се одбележи во текот на претстојната академска година – 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице.

Овој јубилеј е конкретен показател и за повеќедецениската соработка на Шлезискиот универзитет и УКИМ, важна и за македонистиката и за полонистиката. Проектот кој отвора и нови перспективи, а на кој се носители и двата универзитета (полскиот и македонскиот) има за цел да се зголеми бројот на студенти на втор циклус студии преку интегрирани програми во кои се вклучени и македонскиот јазик, литература и култура. Инаку, според информациите од лекторатот по македонски јазик на Шлезискиот универзитет, полските студенти искажуваат интерес и за дополнителните активности во сферата на македонистиката. Меѓу нив се вбројува и настанот „Читајќи го Конески на полски“, со кој полските студенти имаа можност подобро да се запознаат со поетскиот опус на Блаже Конески и дел од него да препејат на полски јазик. Досега покажаниот интерес е поттик и обврска на лекторатот по македонски јазик, веќе да се осмислуваат и нови активности за уште поактивна вклученост на младите полски филолози кои искажуваат интерес за македонскиот јазик, литература и култура, информираат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

На претстојната 55. Летна школа што ќе се одржи од 17 август до 2 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, се очекуваат и тројца студенти од Шлезискиот универзитет и тоа токму од овој лекторат по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец, овозможувајќи им не само следење лекторска настава и предавања, туку и учество на низа настани со коишто ќе можат подобро да ја запознаат македонската култура. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, како што потенцираат, ќе иницира и нови форми на соработка кои ќе претставуваат и нејзино продлабочување, особено во релацијата со Факултетот за хуманистика во Сосновјец, во чии рамки, на Катедрата за славистика функционира лекторатот по македонски јазик.

Податоците говорат дека изминатите години, соработката меѓу македонските и полските филолози, во научната дејност се одвива на ислучително високо ниво. Јубилејот 35 години македонистиката на Шлезискиот универзитет, во текот на претстојната академска година се очекува да биде одбележан и со одделен настан, со учество на повеќе македонски и полски слависти и македонисти, при што клучно е свое учеството да оствари и академскиот кадар од Факултетот за хуманистика во Сосновјец, на кој повеќе професори предаваат и македонска литература и држат настава по превод. Покрај активностите по повод овој јубилеј, веќе се планираат активности и за одбележување половина век македонистика на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, како и 15 години од лекторатот по македонски јазик на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека. Лекторатот по македонски јазик на Шлезискиот универзитет функционира од академската 1987/88 година, на Катедрата за славистика при Факултетот за хуманистика во Сосновјец, а во моментов лекторската настава ја изведува Никола Илиевски, истакнуваат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.