Додека во Македонија се отвораат бугарски клубови именувани според ликови од фашистичкиот период, Советот на Општина Благоевград го забрани отворањето на македонскиот културен клуб Никола Вапцаров во овој бугарски град.
– Благоевград нема да биде центар за слични пропагандни провокации, се вели во образложението на декларацијата изгласана од Советот на Благоевград.
Истото го потврди советникот Кирил Илиев од ГЕРБ, кој изјави дека со оваа декларација им порачуваат на „македонистите“ дека не се добредојдени во Благоевград.
Отворањето на клубот беше планирано на 30 октомври. Вчера објавивме дека Македонците од Пиринска Македонија се жалат на притисоци од бугарските власти.
Како што информира Атанас Кирјаков, претседател на локалниот огранок на ОМО Илинден, тој во неколку наврати телефонски усно бил повикуван од бугарски инспектори во полицијата, без писмена покана и без образложение за што треба да се јави во полициската станица.
Наспроти тоа што им се случува на Македонците од Пиринска Македонија, во Бугарија, која е членка на ЕУ, во Република Македонија без проблеми се отвораат бугарски клубови со провокативни (про)фашистички имиња како Ванчо Михајлов, Цар Борис Трети, Цар Фердинанд…
Премиерот Димитар Ковачевски пред половина година ветуваше дека и Македонија ќе отвори културен клуб во Благоевград, откако беше отворен бугарскиот клуб Ванчо Михајлов во Битола и бурните реакции од Македонците, поради провокативното име на личноста од македонската историја според кого беше именуван клубот.
(Д. Г.)