Легендарниот кошаркар на Мајами хит Двејн Вејд објави дека претстојната НБА сезона ќе биде последна во неговата кариера.
– Секогаш ги правев нештата на мој начин, било да се тие добри или лоши. До овде стигнав затоа што сметав дека правам нешто добро за моето семејство и за себе. Чувствувам дека е правилно да ги замолам навивачите да ми се придружат за последниот танц, за уште една сезона, истакна 36-годишниот кошаркар.
Вејд во НБА лигата пристигна во 2003 година, а настапуваше за Мајами хит се до 2016 година.
Потоа, тој помина по една сезона во Чикаго булс и во Kливленд кавалирс, а во февруари оваа година повторно се врати во Мајами. Тој ќе потпише едногодишен договор со Хит за ветерански минимум од 2,4 милиони долари.
Вејд со Мајами освои три шампионски титули, а во 2006 година тој беше најкорисен играч на финалето.