За Џафери двојни избори се можни само на Велигден, ако за тоа се постигне договор

/ 09.10.2023

Петти мај, Велигден, е единствениот можен датум за двојни избори во редовен термин – парламентарни и претседателски во втор круг. Собранискиот спикер Талат Џафери изјави дека ова произлегува по пресметка од роковите пропишани во Изборниот законик, а доколку има политичка волја за да се организираат во ист ден, лидерите треба да се договорат до крајот на годинава. Ако нема поклопување на изборите во мај, Џафери вели дека крајниот рок за гласање за нова влада е 15ти јули, а изборот за претседател може да почне најрано на 14 март, известува Канал 5.

„Последен можен термин за втор круг, а да сте во рамки на последните 60 дена се од 5 до 8 мај. Прв ден што може да се гласа за парламентарни избори е 5 мај, бидејќи е еден круг, последователно секој нареден ден до 15 јули. Доколку се решат да разговараат за овие работи, до крајот на оваа година треба да се на чисто. Ако не, настапуваат моите уставни обврски од кои јас нема да отстапам.“

Џафери не гледа ништо спорно да биде домаќин на лидерска средба, но вели дека би организирал само доколку претседателите на партиите имаат волја за да присуствуваат. Повик деновиве во неколку наврати имаше само од опозицискиот лидер Мицкоски, кој оцени дека е потребно да седнат на маса, бидејќи ако догодина не се договорат за двојни избори – ќе биде неизвесен цензусот за избор на претседател што повлекува повторување на процедурите… Премиерот Ковачевски пак не гледа потреба од лидерска и смета дека нема опасност од уставна криза.

„До уставна криза се доаѓа ако не се почитуваат уставни и законски рокови. Ние во моментов имаме процес пред нас, прво се претседателските а потоа парламентарните избори, и доколку се држиме до роковите пропишани од Собранието, согласно закон и Устав, тогаш нема опасност да се дојде до било каква криза.“

Последен пат претседателски и парламентарни избори во пакет се одржаа во 2014та година, а еден од аргументите за избори во ист ден беа потешкотиите да се достигне неопходниот цензус од 40 отсто за избор на шеф на државата, или над 723 илјади гласачи. Последната претседателска трка во 2019та пак беше самостојна, и во вториот круг излезноста достигна 46,7 отсто. Во извештајот на ОБСЕ ОДИХР по овие избори беше нотирано дека во иднина треба да се размисли за ревизија на прагот за излезност, за да се намали ризикот од неуспешни претседателски избори.


Од истата категорија