Секторот за внатрешни работи-Битола информира дека на 1 и 2 август, на подрачјето на СВР-Битола ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот кои водат кон Крушево.
Се очекува зголемена фреквенција на патници кои ќе одлучат националниот празник Илинден да го одбележат во Крушево и затоа СВР-Битола в недела и во понеделник ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, соопштуваат од секторот за однос со јавност.
– На 1 август од 15:00 се до 22:00 часот наредниот ден, односно до 2 Aвгуст, на регионалниот пат Р-1306 делница Прилеп-Кривогаштани-Крушево-Демир Хисар, како и на регионалниот пат Р-2337 делница Крушево-место наречено Слива, на уличната мрежа низ Крушево и на патеките што водат кон Мечкин Камен ќе има посебен режим на сообраќај. Апелираме, локалното население да се воздржи од движење со работни и земјоделски машини во посочениот временски период и патните правци, нагласуваат од СВР-Битола.
На 1 и 2 август на сите учесници во сообраќајот ќе им биде овозможено соодветно информирање од униформирани полициски службеници.