Работата на Анкетната комисија што беше формирана во Собранието за случувањата на Клиниката за онкологија, според државниот обвинител Љубомир Јовески, е надвор од надлежностите на собраниските тела. Според него, Комисијата ќе ја наруши предистражната постапка што ја отвори Обвинителството.

Јовески ваквите пораки ги испрати пред пратениците во Анкетната комисија каде на 3 ноември беше повикан да сведочи.

„Кога ја примив поканата мислев дека е некоја грешка, но следејќи ја работата на ова тело, се повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води обвинителството. Апсолутно не е важно кој предложил, а кој прифатил вакво нешто. Јавниот обвинител ниту е експерт, ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот кој јасно ја дефинира поделбата на законодавната, извршната и судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон“, рече Јовески.

Тој оцени дека расправата во Собранието е противзаконска, а особено се коси со Законот за кривична постапка кој ја штити тајноста и доказите обезбедени во предистрагата.

На пратениците, републичкиот обвинител им го посочи членот 123 од Деловникот за работа на Собранието во кој се посочува дека работните тела во парламентот не може да имаат истражни или други функции.

„Во вашиот комисиски Деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека Анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на јавното обвинителство, ниту на најголемиот дел од сведоците кои секојдневно ги повикувате тука можат да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, но не е во ваша надлежност“, рече државниот обвинител.

Во однос на предистрагата, пак, Јовески потенцираше дека обвинителството ја води темелно и стручно и уверуваше дека ќе се дојде до вистината.