Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:
Возљубени чеда во Господа,
Денес, на овој спасоносен ден, ликуваат ангелите и светиите на небесата, а ние верните се радуваме на земјата. Ветениот Месија, за Кого пророците пророкувале и праведниците Го очекувале, Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се родил во времето: слегол од небото на земјата придружен со песни на ангелите, дочекан од пастирите и даруван од мудреците.
Во спомен на тој спасоносен настан, еве, по милоста Божја, и ние чествуваме молитвено и серадосно, славословејќи со благодарни служби и со несекојдневно духовно расположение. Денес Господ, заради нас луѓето, се понижил и го зел нашето тело, за да нè ослободи од ропството на гревот и смртта, за да ни дарува живот во вистината и радост која никој не може да ни ја одземе. Денес милостивиот Бог, на човечкиот род повторно му ги отворил вратите на рајот, покажувајќи му го благословениот пат за обожување. Бог Отецот благоволил да Го испрати Својот возљубен Син, за да нè помири, нас создадените, со Себе – Беспочетниот, па преку тоа соединување да ни даде можност повторно да станеме учесници во Божјата природа. Всушност, со воплотувањето и со рождеството на Синот Божји, на светот му се дарувани мир и сеопшта радост.
Сезнајниот Бог, согледувајќи ја немоќта на човекот сам да се спаси, Го испратил Својот Единороден Син – Новиот Адам, Кој поднел дури и крсна жртва за да го обнови и врати она што се изгубило со престапот на прататкото Адам. Ете, тоа Божјо човекољубие е причината што денес ликува сета вселена – славејќи го помирувањето меѓу Бога и човекот. Затоа Светата Црква, потсетувајќи се на спасоносниот настан, повикува: „Пријдете, Христоносни луѓе, да го видиме прекрасното чудо – кое го ужаснува секој разум и набожно воспевајќи го да се поклониме…“– „Торжествувај Сионе, весели се Ерусалиме, граде на Христа Бога! Дочекај Го Создателот Кој се сместува во пештера и во јасли… Оној што во раката го држи сето создание – Животодавецот Господ, Кого што со непрестаен глас Го воспеваат ангелите и Кој нашиот род го спасува“. Впрочем, ова божикно радување се повторува на секој христијански празник, па и сите денови нè потсетуваат на витлеемскиот настан – на секоја Утринска богослужба радосно се пее: Бог Господ ни се јави, благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово!10 Тоа, всушност, е постојано празнување на Божик, тоа е секојдневно радување на спасоносното и неповторливото рождество – радување на Христовото доаѓање на земјата.
Со Витлеемскиот Богомладенец, Кој се јави во тело, се покажа сè што е Божјо и совршено. Тој дојде во овој свет за да нè вооружи со Своето непобедливо оружје, зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството. Затоа, ширум да ги отвориме нашите души и срца и да ги претвориме во пештери и јасли на покајание, во кои ќе Го положиме и ќе се всели Несместливиот.
Синот Божји, доаѓајќи во човечко тело, како Богочовек, потврди дека Бог ги љуби светот и човекот. А каде е љубовта, таму е и самиот Бог, оти Бог е љубов. Ние, пак, луѓето, колку љубов имаме во себе, толку сме блиску до Бога и по тоа Тој нè препознава. Затоа и ни порачал: … да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. И ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја. И свети Максим Исповедник, богословејќи за смислата на денешниот празник, говори: „Божјото Слово, откако еднаш се роди во тело, сака вечно да се раѓа духовно за оние коишто Го љубат“16. Човечкиот род веќе дваесет столетија Го слави Оној Кој од човекољубие ја прими нашата природа и повторно ни го дарува изгубеното достоинство, па затоа апостолот истакнува: …кога така нè возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љубиме еден со друг.
Возљубени чеда во Христа Богомладенецот,
Ова, нашево време, е време кога особено се испитува нашата вера. Животот на народите, и покрај сите постигнувања, постанува сè потежок и понеизвесен. Живееме во време со многу кризи: на економски, политички, социјален, образовен, здравствен и особено на морален план. Во светот секојдневно има сè повеќе човечки трагедии и страдања; сè повеќе царуваат самољубието, бесчувствителноста, жестокоста, лицемерието, зависта, горделивоста, а љубовта сè повеќе е заменета со омраза и доброто со зло! А тоа е така зашто сè помалку Го имаме Христа во животот, а и на другите не им го правиме она што сакаме другите нам да ни го прават. Затоа и не можеме да ја разбереме целта на човековиот живот и неговата смисла, ниту, пак, можеме да го најдеме патот на спасението – зашто се оддалечивме од Бога, но и едни од други.
Отуѓувањето од Бога значи духовна смрт и чекорење во темнина. Ние луѓето како да заборавивме дека без Него, без Бога, не ќе можеме да правиме ништо19. Оваа состојба, која целиот свет ја преживува, со пандемијата, ни докажа колку човекот е немоќен, и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Народите повторно се соочени со големо страдање и со зголемена смртност. Но, најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето заборавија да Го љубат Бога и да ги љубат ближните. А покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата.
Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Еве, и во 21-от век, за жал, продолжува оспорувањето на правото за национално самоопределување, како и непочитувањето на човековите права и слободи. Некои заборавија дека само она што се потпира врз вистината и правдата, дека само тоа што се создава во мир и со љубов, само тоа останува да живее во времето. Сегашноста и иднината не создале и не можат да создаваат минато или, по нечија желба, да го менуваат истото. Само луѓето и народите, поучени од минатото, можат да се менуваат и да се поправаат, за лошото да не се повтори. А историјата ни сведочи дека на сè што се потпира врз сила и невистина, кога-тогаш му доаѓа крајот. Затоа, како македонски народ, пред никого и за ништо да не отстапуваме од своето, од вековното!
А јубилеите, што ги одбележавме во текот на ова лето Господово, сведочат за исконското црквољубие на нашиот народ. Прославивме 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир, светилиште што ја потврдува древноста на нашата духовност и на македонското богољубие и монахољубие. Воедно, оваа година се навршија и 6 децении од осветувањето на храмот „Свети великомаченик Георгиј“ во Мелбурн, Австралија; 55 години од осветувањето на храмовите „Свети Климент Охридски“ во Торонто и „Успение на Пресвета Богородица“ во Колумбос, на Северноамериканскиот Континент, како и 30 години од осветувањето на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Добриот однос со Бога и со луѓето постојано треба да се создава и да се негува. Но треба и да се научи, па затоа е многу важно какво образование ќе им понудиме на сегашново и на идните поколенија, и во семејството и во школството. Само доколку во родителскиот дом и во училиштето се негуваат моралните и воспитните вредности, ќе можеме да имаме надеж и како држава и како народ. Не смее да се допушти нарушување на вистинските права и вредности, и да не дозволиме да се обнови веќе видениот систем на богоборно едноумие!
Нека годината којашто доаѓа биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, да биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест; нека биде и време на благодарност до здравствените работници, чија саможртва треба да биде за пример.
На сиот наш народ, овде во Татковината и насекаде по светот, им ги честитаме божикните празнувања, поздравувајќи ги со серадосниот поздрав: Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово!, стои во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.