Уште еден празник посветен на свети Георгиј Победоносец
Македонскиот народ со домашни служби го празнува и празникот Свети Георгиј – Посен што се празнува на 26 ноември според стариот (или на 9 декември според новиот) календар.
И овој празник е поврзан со името на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, чиј спомен се празнува и на други датуми од православниот календар.
На овој датум во 1037 бил осветен храмот посветен на овој светител во Киев изграден од кнезот Јарослав. Овој ден како празник се празнува во цела Русија и оттаму веројатно празнувањето е пренесено и во нашиве краишта.
Празникот е наречен Посен затоа што секогаш се паѓа во Божикните пости. Во книгата на Булгаков „Настолнаја книга“, на овој датум се поместени тропар и кондак на празникот посветени на Св. вмч. Георгиј, од што станува јасно дека овој празник е посветен на Георгиј Победоносец, а не на некој друг светител со истото име.
Преподобен Алимпиј Столпник
Именден празнуваат: Алимпие…
Се прославил со трпение, пост и чуда. Роден е во Адрианопол во шестиот век, од благочестиви родители. Уште пред да се роди, мајка му имала видение дека нејзината рожба ќе се прослави. На сон видела дека држи јагне на чии рогови гореле две запалени свеќи. Кога останала вдовица своето дете му го доверила на воспитување на епископот Теодор, кој го вовел во верата и го учел на Светот писмо.
Одушевен од неговото знаење епископот го произвел во ѓакон, но младиот Алимпиј повеќе го сакал пустинскиот живот. Поради тоа откако добил согласност од мајка му имотот го раздал на сиромасите, го напуштил градот и се населил во пустина во една гробница од која сите бегале. Му се јавил ангел и го охрабрило да живее во тоа место. Над гробницата имало столб од камен со идол на него. Алимпиј идолот го заменил со крст. Посакал да оствари подвиг живеејќи на столб. Така на столбот се искачил кога имал триесет и две години и тука минал 53 години без да слезе од него.
Тука ги преживеал сите болести, но и елементарни непогоди. Последните 14 години ги минал во лежење бидејќи нозете му биле во рани од долгото стоење. Направил многу чуда поради што многу народ доаѓал на тоа порано омразено, а подоцна прославено место. Починал во 640 година на 120 години за време на владеењето на императорот Ираклиј. (Подготви Марко Китевски)