Традиционалната новогодишна ноќ на Тајмс сквер во Њујорк, која вообичаено привлекува илјадници посетители, овојпат е откажана за првпат по 114 години. Тоа, поради пандемијата на коронавирусот.
Наместо тоа, ќе се организира виртуелна новогодишна забава на истото место, што милиони луѓе ширум светот ќе можат да го следат преку интернет. Сепак, организаторите истакнуваат дека ограничен број луѓе ќе бидат пуштени на Тајмс сквер заради емитување на свеченоста.
Познатата кристална топка ќе слета на плоштадот и оваа година, означувајќи го крајот на старата и почетокот на новата година.
– Единствено нешто што нема да се промени е одбројувањето на полноќ на 31 декември, изјави Тим Томпкинс, претседател на Алијансата Тајмс сквер – организатор на настанот.
Тој додаде дека полицијата ќе формира кордон околу Тајмс сквер на 31 декември годинава за да се спречи евентуален помасовен собир.