За педесет години вкупното население во Македонија ќе се намали за над половина милион жители и ќе изнесува 1,3 милиони.
Ова е најпесимистичкото сценарио, кое е дел од проекциите на Државниот завод за статистика. Тоа не значи дека бројките ќе останат непроменети, затоа што многу фактори придонесуваат, вели директорот Симовски.
ДЗС денес официјално ја презентираше публикацијата за проекциите на населението во Македонија до 2070 година.
„Иднината не нѝ е светла од демографски аспект. Но, тоа не значи дека таа не може да се промени. Еден од најголемите проблеми е миграцијата. А, луѓето не мигрираат затоа што не можат да заработат во државата. Денес луѓето сакаат да имаат вистински можности во државата. Да имаат квалитетно образование, квалитетно здравство, да имаат можност да работат и да заработат, да можат да се промовираат себеси, но да имаат можност и за остварување на останатите културни и културолошки потреби. На тоа треба да се делува“ изјави Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.
Вицепремиерот Битиќи уверува дека проекциите и пресметките на статистичарите веќе се земени предвид и се главна водилка за креирање на идните мерки.
Образованието треба да биде во фокус – ваков е ставот на креаторите на политики.
„Тие веќе се земени предвид. Демографските проекции се составен дел од Националната развојна стратегија која исто така за првпат се случува во нашата земја после речиси 25 години и тоа на еден доста инклузивен начин. затоа сметам дека фактот што се вклучени во една таква долгорочна стратегија ќе изискува да има конкретни и непосредни мерки. На пример, во Националната развојна стратегија зборуваме за квалитетно образование во наредните 20 години, коешто значи можност за секој еден којшто живее во државата, а вклучително и младите“ смета вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Никој не може да ги спречи миграциите, ниту да ги тера луѓето да прават било што – важно е да се создадат услови за тие да сакаат да останат, смета претставничката на Фондот за население на Обединетите нации.
За дел од експертите – потребна е проактивност од страна на институциите. Ефикасните мерки за подобрување на демографската иднина да се надоградуваат, а бесполезните да бидат исфрлени.
„Ние не можеме да ги застанеме луѓето и тие да не излегуваат надвор од државата. Не можеме ниту да ги тераме тие повеќе да раѓаат. Меѓутоа треба да овозможиме услови тоа да сакаат да го направат самите“ е ставот на Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на Фондот за население на ОН во РМ.
По 1998 година, ова е вторпат како Статистика прави вакви проекции. Овие пресметки се прават по Пописот од 2021 година – пребројување кое се изврши по две децении.