Пензионерите со јулската пензија ќе добиваат поголема пензија по основ на усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот, кој во првото полугодие од 2021 година (период: јануари-јуни 2021 година), во однос на второто полугодие од 2020 година (период: јули-декември) изнесува 1,2 отсто.
Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, зголемувањето на пензијата во номинална вредност изнесува 188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија.
-Редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, што обезбедува одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата. Почнувајќи од 2019 година покрај редовното усогласување се предвидува и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отсто, се наведува во соопштението од Министерството.
Покрај овие два начини на усогласување од 2020 година врз основа на одлука од страна на Владата, како што посочуваат од МТСП, може да се изврши уште едно дополнително усогласување во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 отсто и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од 5 отсто.
Зголемувањето на најниските пензии, односно за најсиромашните пензионери, е колку за една просечна лубеница, еден килограм цреши или една кутија цигари.