Во Основниот суд во Тетово денеска треба да се одржат завршните зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите кои се товарат за неколку кривична дела поврзани со пожарот во модуларната болница во септември 2021 година кога животите ги загубија 14 лица, а за што тогаш беше „виновен продолжен кабел“.
Доказната постапка во судскиот процес заврши со последните сведоци кои беа сослушани на 6. месецов.
Минатото рочиште по завршување на сведочењата, судијата Јордан Велковски ги праша адвокатите, дали обвинетите ќе даваат исказ, на што бранителите одговорија дека обвинетите нема да даваат свој исказ.
Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се теретат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се терети за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но дека не чувствуваат вина. Судењето започна во декември 2022 година.