За спречување на профитерство, грчката Влада воведува плафон за цените на тестовите, како за ПЦР така и за брзите, кои не смеат да бидат поскапи од 40, односно 10 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи Панајотис Стамбулидис на денешната редовна прес конференција за Ковид-19 во Министерството за здравство на Грција ја соопшти одлуката, објаснувајќи дека во моменти кога голем дел од бизнисите се затворени поради карантинот, а Владата поддржува здрава конкуренција, неопходно е да се спречат случаи на профитерство.
-Министерот за развој и инвестиции во следните денови ќе достави соодветен амандман според кој ќе може да се одредат највисоки крајни цени за добра и услуги неопходни за заштита на јавното здравје и економските интереси на граѓаните. По гласањето и објавувањето во Службен весник ќе се издаде министерска одлука со која ќе стапат во сила највисоките цени за вршење испитувања за коронавирусот SARS-COV2 за секој од приватните центри што ја нудат оваа услуга, објасни Стамбулидис и соопшти дека молекуларниот тест ќе чини најмногу 40 евра, а рапид тестовите 10 евра.
Цените на ПЦР тестовите во приватните лаборатории во Грција сега се од 70 до 90 евра.